Грчките власти трагаат по американски турист кој исчезна на островот Аморгос во вторникот, неколку дена откако на островот Сими беше пронајдено телото на британскиот телевизиски новинар Мајкл Мозили, кој исчезна додека планинареше.
Локалните власти соопштија дека 59-годишниот Алберт Калибет исчезнал во вторникот попладне, кога неговиот пријател пријавил дека не се вратил од планинарење, пренесува Би-Би-Си.
Во потрагата учествуваат неколку грчки служби, вклучително и волонтери на крајбрежната стража и тимови од блиските острови Парос и Наксос, објави ТВ ЕРТ.
Исчезнувањето на Калибет, пензиониран полицаец од Лос Анџелес, ги вознемири локалните жители на островот Аморгос.
Патеката со која почна да пешачи во вторникот не е многу напорна, но на островот, како и во цела Грција, деновиве температурите се и до 35 степени.
Британскиот ТВ-новинар Мајкл Мозили неодамна беше пријавен за исчезнат на островот Сими, а неговото тело беше пронајдено по четиридневна потрага.
Истрагата утврдила дека тој починал од природна смрт на денот на неговото исчезнување.