Немили сцени повторно се забележани во регионот на фудбалски натпревар, а овој пат во Босна и Херцеговина, во Фоча, беа нападнати јуниорите на „Босна“. Имено, младите играчи на „Босна“ до 19 години гостуваа кај екипата на „Сутјеска“, при што при нивното водство од 6:4 дојде до конфликт на теренот. Видеото од конфликтот го објави порталот Visoko.ba кој пренесува дека играчот на Босна и Херцеговина Ибрахим Османовиќ завршил во болница.
– Штом ја видов информацијата во медиумите, веднаш му се јавив на претставникот на нашиот клуб кој беше во болница со Ибрахим. Разговаравме малку и за среќа по првичниот шок ми кажа дека се чувствува добро и дека оди во полиција да даде изјава. Го осудувам овој чин и се надевам дека полицијата ќе си ја заврши работата како што треба со оглед на тоа што се објавени сликата и видеото од напаѓачот, а на нашиот Ибра и на другите играчи на НК Босна му посакувам среќен пат во Високо, изјави градоначалникот Мирза Ганиќ за Visoko.ba.
Аднан Јашарспахиќ, потпретседател на НК Босна, беше револтиран од нападот врз младите фудбалери.
– Разговаравме со играчот Османовиќ додека тој се уште беше во болница и ги чекаше резултатите од прегледот. Ми кажаа дека најлошо било кога лежел на земја кога ги почувствувал ударите и изгубил свест. Покрај сето тоа, од силината на ударот на овој очигледно психички растроен маж, кој го нападна детето, му беше скршен и еден заб – истакна Јашарспахиќ.
– Полицијата истражува и трага по напаѓачот – соопштија од клубот „Босна“.