(ВИДЕО) Германија во состојба на катастрофа: Не изјегувајте од дома, опасно е по живот

Од:

Континуираните врнежи во делови од германските сојузни покраини Баварија и Баден-Виртемберг доведоа до пораст на нивото на водата што статистички се случува само еднаш во повеќе од сто години, пишува Дојче веле. Во Еберсбах во близина на Штутгарт луѓето се заробени во своите куќи. Неколку политичари имаат намера да патуваат во поплавените подрачја, меѓу кои и канцеларот Олаф Шолц. Неколку жители се пријавени за исчезнати, пишува Sky News.

Еден пожарникар загина за време на спасувачката операција во Пфафенхофен ан дер Илм во Горна Баварија. Портпаролот на окружната канцеларија изјави дека тој се превртел за време на операција со тројца колеги во гумен чамец и бил пронајден мртов вчера рано наутро.

И покрај одреденото намалување на интензитетот на врнежите, десет општини во Баварија прогласија катастрофална состојба во саботата навечер, бидејќи Дунав и неколку негови притоки опасно се искачија.

Во поплавените подрачја во баварската област Аугсбург, властите повикаа на евакуација. Жителите треба веднаш да ги напуштат општините Килентал и Алмансхофен, предупредија локалните служби за итни случаи. Обезбедени се автобуси за луѓето кои не можат сами да ја напуштат областа.

Во други места во областа за време на викендот, жителите исто така беа замолени да ги напуштат своите станови и куќи. Најпогодени беа општините покрај реката Шмутер, притока на Дунав. Во просториите на саемот во Аугсбург е поставен прифатен центар.

Поради големите поплави во Бабенхаузен во Unterallgäu, жителите беа евакуирани со хеликоптери. Баварскиот Црвен крст спаси две лица од покривот на нивната куќа. Тие беа во животна опасност, изјави портпаролот. Другите жители беа евакуирани со брод.

Во саботата итните служби спасија повеќе од 100 луѓе, меѓу кои и десетици деца. Спасувачите морале да ги извлекуваат луѓето и од нивните автомобили бидејќи тие самите не можеле да ги отворат вратите поради количината на вода. Ваквите ситуации се особено опасни поради водните струи и зголеменото ниво на водата во автомобилот и брзо можат да станат опасни по живот, додаде портпаролот на Црвениот крст.

Во загрозените подрачја, автомобилскиот и железничкиот сообраќај беше во прекин и отежнат. Два вагони на брз воз ICE со 185 патници излетаа од шините во саботата вечерта во Швабиш Гмунд во Баден-Виртемберг поради лизгање на земјиштето. Според портпаролот на железницата, патниците се неповредени.

Патниците во јужна Германија мора да очекуваат откажување и доцнење на железничките линии поради невремето, изјави вчера портпаролката на Германските железници. Според информациите од веб-страницата на компанијата откажување на воз има на линиите од Минхен преку Нирнберг до Берлин, од Карлсруе преку Штутгарт до Минхен, од Минхен до Цирих, како и од Аугсбург до Оберстдорф.

Во Дидорф, неколку километри западно од Аугсбург, подземниот паркинг е целосно поплавен, како и подрумите на околните куќи. Таму пукнаа и насипот и браната. Градот Еслинген ам Некар гради привремена брана од речиси 1.500 тони камен и песок за да спречи поплави во центарот на градот. Врв на водениот бран се очекува утрово.

Две брани на реката Паар, притока на Дунав, пукнаа во близина на баварскиот град Пфафенхофен ан Илма, соопштија локалните власти.

Во Еберсбах вчера вечерта беше прогласена катастрофална состојба, пишува Велт. На автопатот 10, водата го проби браникот и ја поплави улицата. Градот објави видео од настанот на својата Фејсбук страница и ги замоли жителите да останат во своите домови.

„Ве молиме останете дома и не доаѓајте во загрозените подрачја. Постои опасност по живот, како што можете да видите на видеото. Ве молиме не шетајте низ вода бидејќи може да наидете на шахти без капаци. Не влегувајте во вашите подруми, останете на горните катови“, се наведува на Фејсбук.

Портпаролката на баварското Министерство за внатрешни работи вчера изјави дека 3.000 жители се евакуирани од своите домови откако поплавите ја поплавија јужната германска покраина, пишува весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. Министерството за одбрана на X, поранешен Твитер, објави дека се распоредени и околу 800 војници покрај досега испратените 40.000 спасувачи.

Би можело да ве интересира

„Црниот мраз“ ја парализира Германија: Повеќе од 260 сообраќајки, затворени училишта и патишта

AfD подели илјадници лажни авионски билети на мигрантите за депортација

Ако не е произведено во Дубаи, не смее да се рекламира како „Дубаи чоколадо“, реши суд во Германија

Автобуска несреќа во Германија: Најмалку двајца загинати, има многу тешко повредени

АфД ја именуваше Алиса Вајдел за свој кандидат за канцелар на претстојните избори

Протести против АфД во Германија, полицијата употреби солзавец против демонстрантите