Градоначалникот на општина Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ ги посети месните заедници Потстаница и населба Драчево и оствари средби со жителите.
На средбите, како што соопшти општинската прес-служба, градоначалникот Беличанец-Алексиќ извршила кратка ретроспектива за реализираните проекти во овие месни заедници и најавила проекти кои ќе се реализираат во иднина.
Проблемите од комунален аспект и со сообраќајната инфраструктура, биле во фокусот на разговорите.
– Конкретно, жителите на Потстаница побараа проширување на улицата „Сердарот“, проширување на мостот на улицата „Киро Фетак“ и поплочување со бекатон на две споредни улици во оваа населба. Жителите на населбата Драчево побараа изградба на атмосферска канализација на улиците „Ужичка Република“ и „Славка Димкова“, да се изврши реконструкција на зелениот пазар во оваа населба и изградба на фекална канализација на улицата „Румена Хаџипанзова“, стои во соопштението.
Посетите на Беличанец-Алексиќ ќе продолжат утре во населбата 11 Октомври – згради и бараки.