По успешната реализација на првиот фестивал за здравје и уметност на живеењето, здружението „Синергија Скопје“ од 27-ми до 29-ти септември во Македонската опера и балет го организира второто издание на фестивалот Body Mind and Spirit.
Основна идеја на фестивалот е здравиот и правилен развој на луѓето, и тоа таргетиран од три аспекти: Тело, Ум и Дух. За таа цел, во својата програма интегрира бројни предавања, семинари и работилници кои ги обединуваат овие теми, и тоа со еминентни предавачи, тренери и инструктори од земјата, регионот и пошироко.
Со цел вистински да се подигне свеста кај посетителите за правилниот начин на живот, како и да се овозможи релевантна едукација, покрај големиот број предавања и работилници, оваа година новитет на фестивалот се и 3 големи конференции/семинари, и тоа по една во секој сегмент: Тело, Ум и Дух, кои се посебни целодневни настани.
– Во рамките на сегментот „Ум“ на 27-ми септември ќе се одржи деловна конференција со светски докажаниот авторитет и бизнис консултант од Велика Британија, Dean Thorpe, кој на учесниците ќе им овозможи напредна обука за постигнување успех во работењето.
– Во сегментот „Тело“ наредниот ден се одржува т.н. Body Therapy семинар за целосна терапија на телото кој ќе обедини повеќе теоретски предавања, но и практични работилници кои ќе опфатат сè она што е потребно за целосна терапија на телото, односно: здрава исхрана, техники за дишење и јога, техники за воспоставување ментално-телесен контакт, работилници за корективна гимнастика, регулирање на телесната тежина и сл.
– Последниот ден, 29-ти септември е резервиран за „Духот“, односно за целодневниот семинар „Тајните на духот – алатки за мир, среќа и хармоничен живот“ со учителот Wayne Featherstone од Индија од Фондацијата Уметност на живеење кој има за цел да го подигне спиритуалното ниво кај секој од нас и да понуди решенија за среќен и спокоен живот.
Меѓу останатите содржини кои ќе бидат понудени на фестивалот се повеќе кратки предавања на теми како Фенг Шуи, Хомеопатија, Астрологија, Исцелување со сопствената енергија, Нутриционизам, Кардиоваскуларни болести, Клиринг & Коучинг, Ментализам и сл., додека истовремено ќе се одржуваат и бројни работилници и презентации на различни рекреативни спортови и боречки вештини како јога, пилатес, аеробик, кунг фу, карате, таи чи, џу џитсу, капуера итн.
За најмалите фестивалот нуди и интересни содржини во детското катче, додека посетителите ќе можат да уживаат и во повеќе активности и презентации и во изложбениот простор во фоајето на МОБ.
Влезниците за отворената програма чинат 100 денари и можат да се купат на билетарата на МОБ, а деталната агенда со сите содржини е достапна на: www.skopjebodymindandspiritfestival.com/agenda.html