Рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг денеска во Пекинг ги започнаа преговорите во ограничен формат, пренесува РИА Новости.
Најавено е дека за време на преговорите, рускиот претседател, кој допатува во дводневна официјална посета на Пекинг, има намера детално да разговара со Си Џинпинг за целиот спектар на билатерални односи и перспективи за нивниот развој, како и за меѓународните и регионалните проблеми, вклучувајќи ја и ситуацијата околу Украина, Блискиот Исток и азискиот регион.
Преговорите на високо ниво ќе продолжат во проширен формат со учество на делегации, а врз основа на нивните резултати страните ќе потпишат заеднички документи. Путин и Си Џинпинг планираат да усвојат и изјава за продлабочување на односите на сеопфатно партнерство и стратешка интеракција.
Подоцна комуникацијата меѓу лидерите ќе продолжи во неформална средина, наведува руската агенција. Се очекува Путин и Си да имаат приватни разговори, со чај и прошетка во паркот во близина на палатата.
Потоа за време на неформалната вечера преговорите ќе се одвиваат во потесен формат, а на лидерите ќе им се придружат и дел од делегациите.