Актуелниот претседател на косовскиот Парламент, Јакуп Красниќи деновиве ќе објави формирање нова политичка партија, јави дописникот на МИА.
Партијата, која ќе го носи името Демократска преродба на Косово, потоа ќе формира и парламентарна група од пратеници од Демократската партија на Косово на премиерот Хашим Тачи.
Како што пренесуваат косовските медиуми, во партијата на Красниќи со сигурност ќе преминат Фатмир Лимај, Хидајет Хисени, Флора Бровина, Јустина Пула-Широка, Мухамед Мустафа и Емин Гербеши, а се шпекулира и со имињата на пратениците Нијази Идризи, Наит Хасани, Џевахире Измаку и Азем Сула.
Гласини за раскол во редовите на Демократска партија на Косово има од поодамна.
Медиумите јавуваа за „заладување на односите“ меѓу Красниќи и неговиот партиски лидер Хашим Тачи, а имаше и честа најава за формирање нов политички субјект од негова страна.
Одлагањето на формирањето на партијата, според медиумите, било поради судскиот процес „Клечка“ во кој меѓу обвинетите беше и Лимај. По ослободувањето на Лимај од обвинението, Красниќи одлучил и официјално да ја заврши започната работа околу формирањето нова партија.