Министерството за одбрана на Бугарија е под голем притисок со цел навремено да се заврши изградбата на соодветна инфраструктура на аеродромот Граф Игнатиево за прием на авиони Ф-16, купени од САД, јавуваат денеска од Балканската безбедносна мрежа за Бугарија, а првиот од осумте F-16C/D Block 70 ќе лета пред крајот на годината.
Примопредавањето ќе следи следната година, но дотогаш мора да биде завршена комплексната инфраструктура за сместување и одржување на новиот авион, поради што Граф Ингативо минатата недела го посетија американски експерти задолжени за проценка на состојбата на работите.
Доколку не заврши изградбата и уредувањето на просторот, Американците нема да ја сертифицираат базата и бугарската авијација нема да може да ги преземе авионите во идната домашна база, пишува порталот.
Како привремено решение за сместување на авионите се споменува Словачка која во арсеналот го воведува и новиот F-16C/D Block 70.
Словачките авиони привремено ќе бидат лоцирани во базата Малачки, но наскоро треба да заврши работата на базата Слиач во централна Словачка.