Портпаролка на ЕУЛЕКС во Косово Ирина Гуделевиќ негираше денеска дека 150 српски полицајци пристигнале во Косово да помогнат во истрагата за убиството на припадник на мисијата на ЕУ во минатата недела.
Таа вели дека истрагата се води од локален тим полицајци на ЕУЛЕКС и Косовската полициска служба.
– Мисијата нема информации за пристигнувањето српски полицајци, изјави таа.
– ЕУЛЕКС благодари за предлогот на Белград да помогне во истрагата за убиството и нема да се поколеба да побара помош ако тоа е потребно, нагласи таа.
Српскиот министер без ресор Александар Вулин негираше дека има српски полицајци во Косово.
– Ако беше тоа точно, сигурен сум дека истрагата ќе беше завршена и ќе беше откриен извршителот, изјави Вулин.
Приштинскиот весник „Коха диторе“ објави денеска дека 150 полицајци од Србија веќе пристигнале во северно Косово за да помогнат во истрагата и се очекува да останат до локалните избори на 3 ноември за да ја држат под контрола ситуацијата во реонот.
На 19. септември при напад врз две патролни возила на ЕУЛЕКС во северно Косово беше убиен Аудриус Шенавичјус, припадник на мисијата на ЕУ од Литванија.