Проектираните средства за капитални инвестиции зголемени за 20 проценти во Предлог-буџетот за 2014 година се позитивен сигнал, а втората добра страна е најавената реализација на крупните инфраструктурни проекти, оценува Стопанската комора на Македонија.
– Тргнувајќи од фактот што за бизнис-заедницата, буџетот е инструмент за поттикнување на економските активности, најавените 365 милиони евра за капитални инвестиции на расходната страна во Предлог-буџетот за 2014 година, со пораст од 20 проценти во однос на оние од 2013 година, изнудува позитивна оценка, бидејќи продолжува политиката на зголемување на капиталните инвестиции, која е посебно значајна во услови на најавен благ пораст на странската побарувачка во 2014 година, велат од Комората.
Во делот на капиталните инвестиции, посочуваат, позитивно изненадила и подготвеноста за реализација на проектот за опремување на лабораториите, што било барање на бизнис-заедницата во делот на инвестициите во инфраструктурата за квалитет уште во 2011 година.
Во однос на извозот, Комората поконкретни согледувања ќе направи по достапноста на текстот на Предлог-буџетот за идната година.
Предлог-буџетот за 2014 годсина е проектиран на 176 милијарди денари. Приходите се планирани на 158.200 милиони денари, а буџетскиот дефицит на 3,5 проценти. БДП е проектиран на 3,2 проценти, а инфлацијата околу 3,3 проценти.