Покрај тоа што воздухот е полн со алергени, првите есенски денови со себе ги носат и студените ветрови. Комбинацијата на овие два фактора гарантира кивавица, затнат нос и многу брзо воспалени синуси.
Синуситисот е заболување предизвикано од воспаление на слузницата на синусите. Причините за настанувањето можат да бидат различни, а најчесто се автоимуните болести, бактериските или вирусните инфекции. Воспалението на синусите по правило се лекува со антибиотици, но тие можат штетно да влијаат врз здравјето, а ако се земаат многу често телото може да стане резистентно на нив.
За среќа во природата постојат растенија кои можат да помогнат во намалување на воспалувањето на синусите, а исто така да го намалат и ризикот од повторно појавување.
Портокалот претставува одличен извор на витамин Ц, кој го ублажува затнувањето на носот и помага во прочистување на синусите. Вдишувањето на мирисот од портокалот, исто така, помага во чистењето на синусите. Истражувањата покажале дека со секојдневно конзумирање на портокалот може значително да се намали ризикот од појава на воспаление на синусите.
Лукот има одлични антибактериски својства, така што ефикасно го ублажува воспалувањето на синусите, предизвикано од бактериска инфекција. Алицинот, состојка која на лукот му го дава препознатливиот мирис, има антибиотско дејство, поради што е многу ефикасен во лекувањето на ова заболување.
Копривата ги ублажува симптомите на воспалување на синусите, вклучувајќи го надразнувањето на очите и чешање на носот. Ова растение, доколку се конзумира како чај, ја поттикнува работата на имунолошкиот систем, кој поефикасно ќе се бори против инфекција на синусите. Исто така, го поттикнува ослободувањето на слузта од синусите, која е главна причина за неподносливата болка.