Најбогат човек на светот на листата на милијардери на Форбс за 2024 година е извршниот директор на француската групација за луксузни производи LVMH Бернард Арно, чие богатство се проценува на 233 милијарди долари.
Второто место го зазеде американскиот претприемач и извршен директор на „Тесла“ Илон Маск со имот од 195 милијарди долари, а веднаш зад него е основачот на „Амазон“ Џеф Безос чија пазарна вредност се проценува на 194 милијарди долари.
Четврти е извршниот директор на компанијата „Мета“ Марк Цукерберг со имот од 177 милијарди долари, а петти е ко-основачот на софтверската компанија „Оракл“ Лери Елисон кој вреди 141 милијарда долари.
Десетте најбогати луѓе во светот се инвеститорот Ворен Бафет со 133 милијарди долари, ко-основачот на „Мајкрософт“ Бил Гејтс 128 милијарди долари, поранешниот извршен директор на „Мајкрософт“ Стив Балмер со 121 милијарда долари, индискиот претприемач Мукеш Амбани со 116 милијарди долари и ко-основачот на „ Гугл“ Лери Пејџ 114 милијарди долари.
Светот во 2024 година има 2.781 милијардери кои заедно имаат имот од рекордни 14,2 трилиони долари.
Парите се концентрирани на самиот врв, а секој од 14-те најбогати поседува имот кој надминува 100 милијарди долари, пишува Форбс.
Бројот на милијардери од година во година се зголемил за 265 нови лица, а меѓу нив, по успешната турнеја Ерас, е пејачката Тејлор Свифт со имот од 1,1 милијарда долари или поранешниот познат кошаркар Меџик Џонсон со 1,2 милијарди долари.
Соединетите Американски Држави сè уште се земја со најголем број милијардери, а 813 од нив имаат вкупно богатство од 5,7 трилиони долари.
Кина е сè уште втора со 473 милијардери во вредност од 1,7 трилиони долари, а трета е Индија со 200 милијардери кои колективно поседуваат 954 милијарди долари.
Меѓу 2.781 милијардерка има само 369 жени или околу 13 отсто, а најбогата жена на светот е наследничката на компанијата „Лореал“, Франсоаз Бетенкур Мајер со 99,5 милијарди долари.