Осум дена вознемиреност и страв, каде е двегодишната Данка Илиќ, која исчезна на 26 март од Бањско Поле кај Бор. Се проверува дали можеби девојчето е во Австрија, откако еден српски државјанин во Виена фотографирал дете кое неверојатно наликува на Данка во придружба на две непознати жени, за кои се верува дека се Романки.
По информациите дека Данка можеби е во Виена, екипа на српски „Телеграф“ отпатува таму и разговараше со српскиот амбасадор, но и со бројни Срби што ги сретнале низ градот.
„Многу ги видовме денеска во близина на трамвајската станица каде е снимено видеото за кое се сомневаат дека е на малата Данка. Видно загрижени ни кажаа дека со денови ги држеле очите отворени во случај да го здогледаат малечкото по кое цела Србија, но и регионот неуморно трага веќе осум дена. Ни кажуваат дека речиси и да нема Србин во Виена и цела Австрија кој не е информиран за исчезнувањето на Данка“, известија новинарите од Виена.
„Мислам дека ако случајно ја видам Данка, бидејќи ја барам 24 часа на ден, само би ја грабнала и би ја однела кај нејзините родители“, рече една жена која беше на трамвајската станица каде се случил инцидентот со снимката од девојчето кое наликува на Данка.
„Многу личи на неа, но мајката рече дека Данка има белег на увото и на раката. Не знам дали сепак ја нашле таа жена што била овде“, рече друг соговорник.
Да потсетиме, потрагата по Данка влезе во осмиот ден, а од утрово бројни полициски екипи повторно вршат претреси на подрачјето на Бор и Бањско Поле, каде што последен пат е видена Данка.