Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, денеска оствари средба со граѓански организации на тема „Соработка и дијалог со граѓанското општество – состојби и перспективи“. На средбата се разговараше за теми кои ги засегаат граѓаните и граѓанското општество, за унапредување на демократијата, за предлозите на невладиниот сектор од интерес на граѓаните и државата.
Во изјавата за медуми, Ковачевски ја истакна исклучително позитивната и значајна улога на невладините организации во градењето на демократска, европска Македонија за разлика од онаа која беше заробена пред 7 години. Притоа, потсети дека ослободувањето на институциите ќе беше невозможно без вклученоста на граѓанското општество и затоа ја упати целата почит и благодарност од сите институции, меѓутоа и од сите граѓани во државата.
„Оттогаш па до денес, Владите на СДСМ во соработка со граѓанското општество направија многу исчекори и законски измени кои ја подобрија состојбата и на маргинализираните, на жените, на многу граѓани кои не секогаш имаат можност да бидат видени и чуени од институциите. Заедно работевме на многу стратегии, на многу закони кои што пред сè значеа унапредување на демократијата, на слободата на медиумите, унапредувањето на статусот на различни групи во општеството. Сметам дека вклученоста на граѓанското општество на партнерско ниво, сѐ со цел забрзување на европеизацијата на општеството, е една од клучните цели кои сакаме да ги постигнеме“, рече Ковачевски.
Во 2020 година беше донесен нов Закон за спречување и заштита од дискриминација. Законот ги додава сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основа за дискриминација. Исто така, се креираше и Комисијата за заштита од дискриминација. Отворено владино партнерство е платформа која профункционира вистински со Владите на СДСМ.
Ковачевски потенцираше дека преку Националната стратегија за развој на концептот на „Едно општество и интеркултурализам” се придонесе кон подобрување на состојбите генерално во однос на општествената кохезија и правата на заедниците. Преку повеќе политики, мерки и решенија, Владата предводена од СДСМ директно го менуваше односот кон попреченостa како кон потенцијал, а не ограничување.
СДСМ стави крај на долгогодишниот проблем на лицата без документи, го донесе Законот за младинско учество и младински политики и реформите во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Ратификувана е Истанбулската Конвенција, донесен целосно нов Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство. Направени се измени кои се однесуваа на Законот за абортус, како и измени на Кривичниот законик со кои се воведени нови кривични дела, полово вознемирување и демнеење, како и фемицидот.
Воедно, кај СДСМ е јасно видлива поголемата вклученост на жените во општествениот и политичкиот живот затоа што министрите на СДСМ во Владата на претседателот Ковачевски беа 50% жени. Притоа, Ковачевски посочи дека СДСМ ја врати слободата на медиумите, кај Репортери без граници, Северна Македонија е рангирана на 38 место од вкупно 180 земји во светот.
„Ние како единствена прогресивна партија која негува политика на вклученост и партнерство, со сите општествени чинители се погриживме граѓанските организации да имаат пристап до креирањето на политиките и имавме слух за секоја критика. Јасно ни е на сите дека има потреба од гола инволвираност на граѓанското општество во процесите и во креирањето на законските решенија, но секако и во преговарачкиот процес со ЕУ и затоа сметаме на невладините организации во следниот мандат“, порача Ковачевски.
Ковачевски посочи дека СДСМ ќе го задржи и ќе го прошири принципипот на вклученост во сите процеси.
На средбата Ковачевски ги презентираше мерките од новата програма на СДСМ за следните 4 години. Програмата на СДСМ за изборите во однос на вклученоста на граѓанското општество има прилично инклузивен пристап како што е подготовката на Закон за родова еднаквост со кој ќе биде воспоставен Секретаријат за родова еднаквост, законска заштита на бремените работнички, сеопфатно сексуално образование, зголемување на поддршката за граѓанските организации кои обезбедуваат сервиси за жени, жртви на насилство, како и зголемување на бројот на сервиси за згрижување на деца и стари лица на локално ниво.
Четиригодишната програма на СДСМ, предвидува и Закон за вработување на лицата со попреченост, зголемување на износите на паричните права, развој на социјални услуги кои ќе овозможат целосна инклузија на лицата со попреченост, пристап до квалитетно образование и здравство за ромската заедница, унапредување на младинското учество и носење на политики за системски и целосно да се решат проблемите на младите и да се отвораат нови перспективи за младите луѓе.