По поднесени две кривични пријави од СВР Тетово против М.Т., полициски службеник во Полициската станица за граничен надзор при регионалниот центар за гранични работи Север, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“ и кривични дела „помагање“ и „обид“ во врска со кривично дело „убиство“ и против други лица, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР изврши увид во пријавите, по што презема мерки против М.Т. и други полициски службеници согласно законските овластувања.
Имено, околу 13 часот на 11.1.2024, по претходно нарушен јавен ред и мир со физички напад пред Основниот суд во Тетово, извршен од Р.Т. врз А.М., дошол М.Т. и со пиштол му се заканил на А.М.. Истиот ден, околу 18.30 часот во кругот на Клинички центар во Тетово, М.Т. им помагал на Ф.Т. и Р.Т., кои од огнено оружје пукале и ги повредиле А.М. и З.М. од Тетово.
Согледувајќи ги сите детали, Одделот за внатрешна контрола заклучи дека полицискиот службеник постапил спротивно на член 26 од Етичкиот кодекс за однесување на работниците во Министерството за внатрешни работи и дека сторил потежок случај на кршење на работниот ред и дисциплина по член 187 став 1 точка 10 и 20 од Законот за внатрешни работи и по член 210 став 1 точка 10 и 20 од Колективниот договор на МВР.
Исто така, било утврдено дека при преземањето мерки во врска со двата настани, полициските службеници В.С., Н.М., Б.З. и Г.М. од СВР Тетово постапиле спротивно на член 7 и 8 од Етичкиот кодекс за однесување на работниците во Министерството за внатрешни работи и на тој начин сториле потежок случај на кршење на работниот ред и дисциплина по член 187 став 1 точка 3, 4 и 10 од Законот за внатрешни работи и член 210 став 1 точка 3, 4 и 10 од Колективниот договор на МВР.
Согласно утврденото и член 227 од Колективниот договор на МВР, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди до Одделот за дисциплински и судски постапки поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност против полициските службеници М.Т., В.С., Н.М., Б.З. и Г.М. и изрече задолжителни мерки полицискиот службеник М.Т. да се отстрани од работното место и од Министерството до донесување на решение во дисциплинска постапка и времено да му биде одземено оружјето со муницијата.