Даден е рок за екстрадиција на Љупчо Палевски Палчо од Турција, но, министерот за правда Кренар Лога не сакаше јавно да ја обелодени информацијата кога е тој рок и кога Палчо ќе биде донесен во Македонија.
„При нашата официјална посета во Турција, ни кажаа дека судскиот дел е целосно завршен, останува само административниот дел. Според нивните правила, прво нивното МНР мора да потпише, па потоа министерот за правда. Очекувам за брзо да биде тоа, тоа беа и зборовите на мојот колега од Турција. Ни дадоа некој рок, но не сакам да кажувам такви детали, бидејќи таа работа зависи од нив, а не од нас“, рече Лога.
Министерот додаде дека одржува комуникација со турските власти. И дека дури и денеска побарале информација.
„Значи нема друга комуникација официјална, освен тоа што веќе сите работи се затворени и сите постапки се на време. Неофицијално сме комуницирале и денеска значи од тука баравме информација дополнителна кога би била испораката на Палевски“, додаде Лога.
Палевски е осомничен за грабнувањето и двојното убиство на 14 годишната Вања Ѓорчевска и 74 годишниот Панче Жежовски. По распишаната меѓународна потерница беше фатен во турскиот град Беликесир, каде од декември е во екстрадициски притвор.