Уставниот суд во иднина треба уште поактивно да се профилира како заштитник на човековите права и слободи. Еден начин се измени на Уставот и воведување на уставната тужба како правно средство за заштита на правата и слободите иницијатива која безрезервно ја поддржам. Се надевам дека во блиска иднина и политичката, покрај стручната јавност, ќе го разбере значењето на воведувањето на уставната тужба како важен сегмент на реформите и чекор кон зајакнување на системот за заштита на човековите права и слободи, рече денеска претседателот Стево Пендаровски на Меѓународната конференција „Уставно-судска заштита на слободата на мислата и слободата на јавно изразување на мислата, организирана од Уставниот суд по повод 60 години од неговото основање, со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Осврнувајќи се на историјатот на оваа институција, Пендаровски посочи дека Уставниот суд има долга традиција која датира уште од времето на нашиот државен-правен развој во поранешна Југославија. Уставниот суд првпат беше воведен во правниот поредок со Уставот на тогашната Социјалистичка Република Македонија од 1963 година, за следната 1964 година да започне со својата работа.
– Овој факт го споменувам бидејќи воведувањето на уставното судство беше редок и невообичаен чекор во една еднопартиска социјалистичка држава каква што беше поранешна Југославија и несомнено претставуваше позитивен чекор во ограничување на политичкиот волунтаризам и ставање во правни рамки на доминацијата на тогашната владеачка политичка номенклатура. Со Уставот од 1991 година Уставниот суд продолжи да функционира, но, во значително променети околности на независна држава со демократско политичко уредување. Во таа смисла, работата и одлуките на тогашните состави на Уставниот суд беа исклучително важна гаранција дека транзицијата кон демократско и плурално општество кое почива врз начелата на владеење на правото, заштита на човековите права и слободи, поделба на власта и пазарната економија ќе се одвива во рамката предвидена со новиот устав, нагласи тој.
Доволно е да се потсетиме, додаде Пендаровски, дека Македонија никогаш во својата историја до 1991 година немала демократско искуство за да ни стане јасно колкава беше одговорноста на тогашните уставни судии. Според него, Уставниот суд и неговите судии во тие клучни периоди од изградбата на државата и на новиот демократски систем сосема успешно се носеа со товарот на времето за што заслужуваат признание и благодарност за нивната работа.
Уставниот суд, вели Пендаровски, имаше исклучително важна улога и за време на неодамнешната пандемија на КОВИД-19, кога и како општество и како држава се најдовме во исклучително комплексна ситуација, пред се, од здравствен и социо-економски аспект, но и поради серијата уставно-правни предизвици.
-Во состојба без преседан во нашата уставно-правна историја бевме принудени да прогласиме вонредна состојба и тоа во ситуација на распуштено Собрание кое беше нефункционално и во состојба на техничка влада чија примарна задача беше да ги спроведе веќе закажаните избори, а не да се справува со последиците од пандемијата која никој не можеше однапред да ја предвиди. Во ситуација кога врз основа на одлуките за вонредна состојба, Владата доби можност да донесува уредби со законска сила со која нужно се ограничуваа човековите права и слободи, но и се менуваа постоечки закони и се носеа сосема нови норми со сила на закони, Уставниот суд беше клучната институција која во услови на нарушена поделба на власта редовно ја контролираше уставноста на уредбите и одлуките, рече шефот на државата.
Тој при тоа потенцира дека одлуките и образложенијата на Уставниот суд, за него како претседател на државата, биле исклучително важна насока при донесувањето на одлуките што биле во негова надлежност за време на вонредната состојба.
-Мислам дека сум реален, немам причина да не бидам, кога велам дека во своите одлуки Уставниот суд покажа исклучителен сензибилитет за националните, но и за меѓународните стандарди за почитување и заштита на човековите права и слободи што беше клучно за позитивната оцена од Советот на Европа во однос на ограничувањата на човековите права и слободи во периодот кога беше прогласена вонредната состојба, а, сето тоа низ призмата на стандардите на Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи. Поаѓајќи од ова искуство, дозволете ми да отидам чекор подалеку и да се вклучам во дискусијата за иднината на уставното судство во нашата држава. Сметам дека во иднина Уставниот суд треба уште поактивно да се профилира како заштитник на човековите права и слободи, нагласи Пендаровски.
Според него, еден начин да се постигне тоа се измени на Уставот и воведување на уставната тужба како правно средство за заштита на правата и слободите и при тоа, рече, дека без резерва, уште еднаш, ја поддржа оваа иницијатива..
-Уставната тужба е потврдено ефикасно средство за уставно судска заштита на човековите права и слободи. Иако, досега, постоеја повеќе иницијативи за измена на нашиот устав во оваа насока, за жал, повеќе парламентарни состави не собраа сила тоа да го направат, а дискусијата за измени на Уставот, со цел, воведување на уставна тужба завршуваше со надмудрувања за сосема други прашања кои се неповрзани со оваа тема. Се надевам дека во скора иднина и политичката, покрај стручната јавност, ќе го разбере значењето на воведувањето на уставната тужба како важен сегмент на реформите и чекор кон зајакнување на системот за заштита на човековите права и слободи, посочи претседателот Пендаровски.
Во овој контекст, тој ја истакна важноста на неколкуте одлуки на Уставниот суд поврзани со утврдување на повреда на правото на слободно изразување на мислата, заштитено со нашиот Устав, реферирајќи на одлуките што судот ги донесе во последниот период во однос на трагичните настани од 27 април 2017 година што се случија токму во зградата на Собранието, каде се одржува конференцијата.
-Освен нападот кон нашиот демократски уставен поредок и насилството кон пратеници, нападнати беа и новинарските екипи кои известуваа од конститутивната седница на Собранието. Во обид да се спречи мирна транзиција на власта, насилна толпа организирана од структури на тогашната власт нападна новинари во обид да ги спречат да ја известат јавноста за случувањата. Вашите одлуки со кои утврдивте повреда на правото на слободно изразување на мислата се праведна сатисфакција, не само за нападнатите новинари, туку и за целокупната демократска јавност во нашата држава, оцени Пендаровски во обраќањето на конференцијата со која се одбележува значајниот јубилеј, на Уставниот суд.
На конференцијата најавено е обраќање и на претседателот на Собранието Јован Митрески, премиерот во техничката Влада Талат Џафери, министерот за правда Кренар Лога, амбасадорката на САД, Анџела П. Агелер, претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска и други. На Форумот учествуваат и гости од повеќе уставни судови од странство, како и претставници на научната и стручната јавност.