Рускиот претседател Владимир Путин денеска ги повика граѓаните, вклучително и гласачите во анектираните делови на Украина, да се обединат во одредувањето на иднината на Русија со гласање на претседателските избори оваа недела, на кои, судејќи според анкетите, тој повторно ќе победи.
„Само вие, граѓаните на Русија, можете да одлучувате за иднината на татковината. Би сакал да нагласам дека единствениот извор на моќ во нашата земја е народот. Ова е клучна законска одредба на рускиот устав“, рече Путин во видео-обраќање кое првпат беше прикажано на рускиот Далечен Исток, а беше објавена од националните новински агенции.
Тој ја истакна сплотеноста и одлучноста на народот во заедничкиот стремеж да се оди напред. „Секој глас што ќе го дадете е ценет и значаен“, им порача Путин на граѓаните и ги повика да го искористат своето право на глас во следните три дена.
Путин (71), кој е на власт како претседател или премиер од 2000 година, се соочува со тројца предизвикувачи во три дена од гласањето, почнувајќи од петок. Ниту еден од предизвикувачите не го критикуваше и сите тројца ја поддржуваат „специјална воена операција“ во Украина.
Анкетите покажуваат дека Путин е поддржан од мнозинството Руси, а едно истражување минатиот месец покажа дека тој ќе добие 75 отсто од гласовите. Во своето видео обраќање тој рече дека сите гласачи сакаат да видат силна, просперитетна и слободна Русија „за да се подигне животниот стандард и квалитетот на животот“. „Така ќе биде“, рече тој.
Советот на Руската Федерација или Горниот дом на парламентот официјално го одреди 17 март за ден на претседателските избори. Централната изборна комисија соопшти дека гласањето ќе трае три дена од 15 до 17 март.
За највисоката функција ќе се борат четворица кандидати. Заедно со Путин, како кандидати се наведени и Владислав Даванков, заменик-претседател на руската Дума и член на клубот Новиот народ; Леонид Слуцки, лидер на ултранационалистичката Либерално-демократска партија (ЛДПР) лојална на Кремљ; и Николај Харитонов, кандидат на Комунистичката партија.