Молдавија соопшти дека испратила официјален протест до рускиот амбасадор во Кишињев поради одлуката да се отворат избирачките места за претседателските избори во Русија во отцепениот молдавски регион Придњестровје.
Рускиот амбасадор Олег Васнецов денеска е поканет на разговор во МНР на Молдавија.
Министерството претходно договори едно избирачко место во главниот град на Молдавија, Кишињев за изборите закажани за петок до недела, но наместо тоа, Москва има намера да отвори шест во отцепеното Придњестровје.
„Оваа акција го крши меѓународното право, поткопувајќи го суверенитетот и територијалниот интегритет на Молдавија“, додаде Министерството.
Васнецов изјави за новинарите дека протестот на министерството е „неоснован“, додавајќи дека повеќе избирачки места имаат за цел да обезбедат учество на руските граѓани на изборите.
Властите на Придњестровје, сепаратистички молдавски проруски регион, на крајот на февруари усвоија официјална декларација со која бараа „заштита“ од Русија поради „социјалниот и економскиот притисок“ од молдавската влада.
Придњестровје, тесен појас на земја меѓу Молдавија и Украина, не ја признава централната молдавска влада по кратката војна во 1992 година. Според официјалните податоци, Русија сè уште има 1.500 војници таму во наводна мировна мисија.