Полициската станица Центар функционира без командир. Според министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска оваа полициска станица нема командир, иако како вршител на должноста веќе 7 месеци е поставен Зоран Марковски. Јанкуловска одби да одговори врз која основа и како е можно лице што има извршено тешко кривично дело – убиство и за истото има одлежено затворска казна да раководи со висока полициска функција, пренесува Телма.
Вчера мнозинството во Советот на општина Центар при разгледување на шест – месечниот извештај за работата на полициската станица изрази незадоволство од работата на в.д командирот Зоран Марковски. Посочија дека полицијата не е на потребното ниво кога ги извршува своите работни обврски. Го запрашаа Марковски дали се води како командир или в.д командир на полициската станица.
На вчерашната седница советниците од власта во општината Центар не го прифатија полугодишниот извештај за работата на ПС Центар. Изјавија дека ќе гласаат против доколку МВР го предложи Марковски за командир, бидејќи за нив е несфатливо осудувано лице кое одлежало затворска казна да воведува ред и мир низ општината и да раководи со било која полициска станица во државата.