Поранешниот претседател на САД, Бил Клинтон и американската Централна разузнавачка служба (ЦИА), идниот месец ќе објават документи за војната во поранешна Југославија, особено за Босна и Херцеговина.
Се очекува Клинтон во седиштето на својата фондација во Њујорк на 1-ви октомври да објави 300 нови документи за БиХ, од кои е отстранета ознаката „доверливо“. До нив ЦИА дојде во текот на периодот од 1992- 1995 година.
Со ова за првпат, поранешен американски претседател ќе учествува во објавување на документи на ЦИА.
На настанот треба да присуствуваат и поранешниот државен секретар на САД, Медлин Олбрајт, тогашниот командант на НАТО за Европа, Весли Кларк, поранешен советник за национална безбедност Леон Ферт и некогашниот извршен директор на ЦИА за разузнавачки податоци Џон Генон.
Тие ќе присуствуваат на симпозиумот „Босна, разузнавачките податоци и Клинтоновото претседавање“, на кој ќе разговараат за војната на Балкан и улогата на разузнавачките служби во информирање на високорангираните политичари.
Елена Георгиевска