Информаторот на ФБИ Александар Смирнов (43) е обвинет дека лажел за врските меѓу американскиот претседател Џо Бајден, неговиот син Хантер и една украинска енергетска компанија, пишува Гардијан.
Александар Смирнов ги излажал агентите на ФБИ во јуни 2020 година дека директорите поврзани со украинската енергетска компанија Бурисма им платиле на Хантер и Џо Бајден по 5 милиони долари во 2015 и 2016 година, соопштија вчера обвинителите. Смирнов му рекол на ФБИ дека директорот на Бурисма тврди дека го ангажирал Хантер Бајден за „да ги заштити од сите видови проблеми преку неговиот татко“.
Обвинувањата против Хантер Бајден станаа жешка тема во Конгресот во текот на летото, бидејќи републиканците побараа од ФБИ да објави документ што ги содржи наводите додека се води истрага против Бајден и неговото семејство. Сепак, тогаш не беше јасно дали наводите против Бајден се точни.
Обвинението против Смирнов ги поткопува тврдењата на републиканците во Конгресот дека американскиот претседател е корумпиран и дека заработил пари од бизнисот на неговиот син во Украина. Смирнов беше обвинет за давање лажна изјава и создавање на лажен документ. Тој вчера се појави пред судот во Лас Вегас и се изјасни за невин.
Обвинителите велат дека Смирнов имал контакт со раководителите на Бурисма, но дека тоа било рутина. Тие наведуваат дека контактот се случил во 2017 година, откако тогашниот американски претседател Барак Обама и неговиот потпретседател Бајден ја напуштија функцијата.
– Во тоа време, Џо Бајден не можел да влијае на политиката во САД, рекоа обвинителите.
Доколку биде прогласен за виновен, на Смирнов му се заканува максимална затворска казна од 25 години.