Во вториот бран воздушни напади извршени од авиони на САД и Велика Британија, беа погодени 36 цели на 13 локации на јеменските бунтовници Хути.
Во нападот учествувале американски борбени авиони Ф/А-18 од носачот на авиони УСС Двајт Д. Ајзенхауер, британските борбени авиони „Тајфун ФГР4“ и разурнувачите на американската морнарица УСС Гравели и УСС Карни, кои истрелаа ракети „Томахавк“ од Црвеното Море, објавија американското и британското Министерство за одбрана.
Централната команда на американската армија соопшти дека е успешно уништена противбродска крстосувачка ракета која била подготвена за лансирање на бродови во Црвеното Море.
„Американските сили идентификуваа крстаречка ракета во Јемен и утврдија дека таа претставува непосредна закана за воените и трговските бродови во регионот“, се вели во соопштението, пренесе Ројтерс.
Хутите речиси секојдневно вршат ракетни или беспилотни напади врз комерцијални и воени бродови кои минуваат низ Црвеното Море и Аденскиот Залив, како што велат, како поддршка на палестинската милитантна група Хамас во нејзината војна против Израел.
Последните напади врз Хутите уследија по американските воздушни напади во петокот врз цели во Сирија и Ирак како одговор на нападот со беспилотно летало врз американската воена база во Јордан минатата недела, во кој загинаа тројца војници.
Погодените локации, наводно, припаѓале на различни милиции поддржани од Иран, кои САД ги обвинуваат за нападот во Јордан.
Иран, сепак, го отфрла тврдењето на Вашингтон дека Техеран е поврзан со нападот со беспилотни летала.