Во моментов немаме категорија на земјоделци коишто не се разочарани, потценети, ограбени и омаловажени, независно дали се работи за тутунарите, за лозарите, за градинарите, за сточарите. Буквално нема категорија на земјоделци коишто изминативе шест и пол години не ја почувствува лошата политика на власта во делот на земјоделството, истакна Цветан Трипуновски, предложен кандидат за дополнителен заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство на денешната дебата Важно е! Платформа за иднина на тема „Важно е да имаме фер избори“.
Тој во компаративни бројки ја престави моменталната слика на македонското земјоделство кое во континуитет тоне, а за тоа се виновни погрешните политики на актуелната власт на СДСМ и ДУИ.
„Република Македонија од 2014 година има увезено храна во висина од 517 милиони евра додека во 2023 година само до 11-ти месец Македонија потрошила фантастични 887 милиони евра, а тоа е зголемување за над 70% пари коишто можеле да останат во Република Македонија, кај македонските граѓани и македонските земјоделци или за овие шест ипол години колку што е СДСМ на власт Република Македонија потрошила повеќе од 5 милијарди евра за увоз на храна. Зборуваме за храна која што е од увозен карактер, која што гледавме изминатиов период преку бројните скандали коишто ги обелоденивме дека се работи за храна пред се со сомнителен квалитет, меѓутоа и она што е поважно за граѓаните, храна која што е скапа и ги чинеше дополнителен трошок во семејните буџети“, потенцираше Трипуновски и додаде:
„Сега оваа бројка сакам да ја надополнам со бројката на македонските земјоделци исто компаративна. Ако во 2014 година во регистарот, односно корисници на македонските субвенции, онаа политика која што ја воведе ВМРО-ДПМНЕ изнесуваше над 90 илјади корисници, за минатата 2023 корисници на субвенциите се нешто помалку од 65 илјади корисници. Тоа е бројка од 25 илјади корисници македонски семејства коишто веќе не се занимаваат со македонското земјоделство и ова практично го поткрепува првиот факт зошто Македонија е се повеќе увозно зависна од храна“.
Ваквата лоша состојба, според Трипуновски се должи на нерамноправната распределба на земјоделското земјиште коешто наместо на вистинските земјоделци се делеше на луѓе блиски до власта, но и поради кратењето на субвенциите.
„Бројките се вакви затоа што изминативе шест ипол, седум години со раководството на СДСМ и ДУИ како власт имавме ненавремени и задоцнети субвенции, поготово со последниот модел на субвенционирање кој што практично ќе значи сериозно кратење на субвенциите коишто ги очекуваат земјоделците. Сведоци бевме на тоа што имавме нерамноправна распределба на земјоделското земјиште и земјиште коешто се делеше на фамилијата, односно блиски луѓе на министерот Николоски и до претходниот премиер Заев, Ковачевски итн., а не на вистинските земјоделци коишто сакаат, односно се желни да егзистираат од оваа гранка“ подвлече Трипуновски и додаде:
„Во една реченица, во еден сублимат, нашата најголема фабрика наречена земјоделство е во фаза на сериозно изумирање, а Македонија пред се ќе стане комплетно увозно зависна од храна која што ќе значи неквалитетна и скапа храна“.
Трипуновски исто така додаде дека знае со што ќе се сочува во 100-те дена од техничката влада во ресорот земјоделие и упати апел до министерот веднаш да ги стопира повиците преку кои сака да манипулира со земјоделците за изборни цели.
„Она што сакам да го потенцирам, во наредните 100 дена како техничка влада јас многу добро знам со што ќе се соочиме во ресорот земјоделство, притисоците, уцените, злоупотребите и манипулациите на земјоделците како што тоа се случува изминативе 30-тина дена. Иако министерството знае дека ќе се формира техничка влада, дека ќе има избори, забрзано објавуваше јавни повици за аплицирање за доделување на земјоделско земјиште и ред други огласи се со цел да собере колку повеќе апликанти, на коишто нормално во онаа фаза на евалуација на понудите ќе знае точно кој за што аплицирал и таргетирано ќе се обидува да ги манипулира во наредниве три месеци. Сакам да ја искористам оваа прилика да упатам еден апел до ресорниот министер овие повици веднаш да ги стопира затоа што знаејќи дека во фаза на техничка влада практично невозможно и од правен аспект да се реализираат ваквите повици. Оваа манипулација да престане уште од денес, а јас како технички министер ќе дадам се од себе покрај ваквите случаеви и во други ситуации да ги заштитам интересите на македонските земјоделци за да се овозможи изборниот процес да биде во рамките на тоа што го задоволува правото и правните односи“, заклучи Трипуновски.