По повод последните неосновани обвинувања на советниците од СДСМ во изјавата „Стевчо Јакимовски ги излажа родителите дека екскурзиите ќе бидат бесплатни“, градоначалникот на општина Kарпош ја даде следната изјава:
СДСМ и натаму се профилира како партија на плачковци на кои што се живо им пречи. Тој што пренаменува пари од граѓаните за партијата е Зоран Заев, кој што деновиве е фатен „in flagrante“ како префрла средства од општинскиот буџет на сметки на своите најблиски роднини.Практично, она што СДСМ го нудат денес на политичката сцена, е опцијата да падне фамилијата на Груевски, за да дојде фамилијата на Заев.
Апсолутно не се точни нивните обвинувања затоа што општина Карпош во ништо ја нема променето политиката од онаа што заедно со Социјалдемократскиот сојуз ја водевме до февруари 2013 година.И натаму се извршуваат сите планови и програми онака како што треба. Не е точно дека се вршат партиски вработувања, туку се екипира општината со кадри кои и се потребни на локалната самоуправа. Оние што зборуваа за партиски вработувања, што ќе јадат живи деца, што ќе бркаат луѓе од администрацијата и за партиски вработувања, оние кои зборуваат се токму од СДСМ и нивниот лидер Зоран Заев.
Што се однесува пак до бесплатните ужинки, тоа е уште еден доказ дека СДСМ не слуша тоа што другите го зборуваат, туку размислуваат на начин, кој што нив највеќе им одговара. Точно е дека ние ветивме бесплатни ужинки за учениците и бесплатни екскурзии, но од 2014 година. Ако тие не знаат, тогаш јас би сакал да ги потсетам дека се уште сме 2013 година.Граѓаните на Општина Карпош могу добро знаат дека нивниот градоначалник она што ќе го вети, тоа и ќе го исполни. Оние кои за време на изборите само ветуваа а не исполнуваат и патем за време на избори лажат, се токму СДСМ и нивните советници.
Мене ми е многу жал што ја користат токму истата тактика и ја прават истата грешка што ја правеше ВМРО-ДПМНЕ до февруари оваа година, со постојани напади и критики, но конечно видоа дека таквата политика не им донесе резултат и не вроди со плод. Наспроти нивниот пристап, граѓаните знаат да ја препознаат вистинската посветеност и работата, а тоа е она што ние го промовираме овде во Општина Карпош – изјави градоначалникот Стевчо Јакимовски.