Имаме нова одлука и ќе видиме кои се правните решенија на таа одлука затоа што Управниот суд во една година донесува две спротивни одлуки, изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири коментирајќи ја одлуката на Судот да се поништи решението на МОН – на градоначалникот на Општина Тетово да му се одземе надлежноста врз работењето на тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“.
-Претходно имавме одземање на ингеренциите за шест месеци. Гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ имаше проблеми со електричната енергија и проблеми со неплатени фактури и поради тие состојби ние одлучивме за повторно одземање на ингеренциите, рече Шаќири на прес-конференција одговарајќи на новинарски прашања.
За да не се повторат вакви ситуации, додаде министерот, Општина Тетово, како и други општини, а конкретно за гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“, за нов директор ќе треба да се именува лице што ќе ги исполнува сите законски обврски или, рече, да има причина да му прекине мандатот на кандидатот што ги исполнува сите законски основи.
Општина Тетово денеска информираше дека вчера ја добиле пресудата на Управниот суд со која се поништува решението на Министерството за образование и наука за одземање на надлежностите за гимназијата.
Раководителот на општинското одделение за образование Валидин Адеми рече дека „пресудата е победа на правдата и моќен одговор на незаконските обиди за влијание врз одлуките и работењето на образовните институции“.
Адеми на прес-конференција денеска соопшти дека Општината ќе бара Министерството за образование и наука да ги надомести буџетските средства за периодот од јануари 2024 до јули 2024 година.