Гир: Одлуката за Македонија е донесена во јули 2022, за следниот чекор потребни се уставни измени

Од:

Евроамбасадорот Дејвид Гир правејќи паралела меѓу она што се случи на декемврискиот Самит на ЕУ, кога т.н. „кафе на Орбан“ го овозможи донесувањето одлука за почеток на преговори за Украина и Молдавија и дали ваквиот начин на носење одлуки бил можен и за Северна Македонија, вели дека решението за земјава е ставено на маса во јули 2022 година, кога, како што рече, се отворени пристапните преговори, а за да се премине на следниот чекор, потребно е спроведување на уставните измени, што е суверена одлука на самата држава. Ова го нагласува евроамбасадорот во земјава во интервју за МИА.

-Решението за овој проблем беше ставено на маса со договорот во јули 2022 година, со кој Северна Македонија отвори пристапните преговори со ЕУ, притоа го отпочна и заврши скрининг процесот. Сега, за да се премине на следниот чекор, во согласност со договорот од јули 2022 година, потребно е да се спроведат уставни измени за граѓаните кои се идентификуваат како Бугари. Ова е суверена одлука на самата земја, а не на земјите-членки на ЕУ. Одлуката е во ваши раце, истакна Гир.

Тој нагласи дека е важно одлуката за започнување на пристапни преговори со Украина и Молдавија да се гледа од контекстот на неоправданата војна на Русија против Украина, како и реформските чекори кои двете земји ги имаат реализирано, иако, како што посочи им претстои долг пат понатаму.

-Мислам дека некои коментатори доста погрешно го толкуваа начинот на којшто беше донесена одлуката. За да биде јасно, одлуката беше донесена од 27, со други зборови едногласно од сите земји-членки и тоа не ја измени суштината. Фактот дека одлуката беше донесена без присуство на една земја не беше обид за измама со која би се отстранила потребната едногласност на сите земји членки. Ова не е решение за ситуација во која една или повеќе земји-членки имаат суштински несогласувања. Едногласноста е најважна и тоа во овој случај беше одлука на 27, вели Гир во интервјуто за МИА.

Во однос на можноста за измена на Преговарачката рамка, сега по примерот на нов модел на одлучување, поврзан со „кафето на Орбан, кое му го понуди Шолц“, Гир дециден дека ЕУ не размислува за повторно отворање на документот.

-Првото имплицитно прашање е дали може да се постигне подобар договор. Ги следев дискусиите што се одвиваа од есента 2020 година до договорот во јули 2022 година. Беше тешко и истите беа интензивни. Се направија компромиси од двете страни. Ниту една страна – ниту бугарската, ниту македонската – не беше 100 отсто задоволна. Но, такви се компромисите по природа. Тоа што се постигна, сепак, беше што им се овозможи на Северна Македонија и Бугарија да ги остават овие прашања во минатото, да гледаат кон иднината и решително да тргнат напред. Дали мислам дека може да се преговара за подобар договор? Искрено, не гледам можност за такво нешто. Дали ЕУ е подготвена пак да ја отвори Преговарачката рамка? Мислам дека ЕУ не размислува за повторно отворање на Преговарачката рамка. Тоа е веќе постигнат договор и гледаме напред кон многу други прашања што се натрупуваат на агендата. Вклучително и тоа на што длабоко се надеваме, земјава одлучно да се придвижи нанапред на својот европски пат, вели Гир.

Со оглед на тоа што уставните измени останаа во позадина на претстојните двојни избори во земјава, а лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со континуиран став дека не ги прифаќа под бугарски диктат, туку откако ќе дојде на власт, ќе најде друго решение, Гир со порака дека ако партијата е за ЕУ и за преговори, јасно е што треба да стори.

-Па, ако партијата е за ЕУ и пристапни преговори, јасно е што треба да се направи. Имаме договор од јули 2022 година. Имаме отворени пристапни преговори. Процесот на скрининг беше успешен и сега треба да се направат уставните промени за потоа земјата да може да продолжи напред и да се занимава со клучните прашања за кои зборувавме на почетокот – владеењето на правото, борбата против корупцијата – фокусирајќи се на нештата што ќе им го сменат животот на луѓето, вели Гур во интервјуто за МИА.

Би можело да ве интересира

Адеми – Гир: Активностите на Врховниот суд се добар пример за целото судство

Гир: Во Брисел нема волја за менување на Преговарачката рамка

Гир: Преминот „Маркова нога“ е инвестиција која ќе придонесе за развој на меѓуграничниот регион

Гир: Македонија порешително да се движи кон евроинтегративниот пат

Средба Димитриеска Кочоска-Гир: Континуитет во поддршката од ЕУ, МФ ќе го искористи искуството за спроведување на реформскиот план

Гир и Дрекслер се надеваат на продолжување на дијалогот со новата Влада, по изјавите на Мицкоски дека амбасадорите се мешаат во внатрешните работи