Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска очекува доказите кои се прибрани и кои ќе бидат изведени во судска постапка да фрлат јасно светло за начинот на кој се финансирала групата од акцијата „Шпион“, лицата со кои била поврзана, контактите кои ги имале, начинот на кој прибавувале информации, но и да фрлат сосема јасно светло за тоа од каде доаѓале изворите на финансирање.
– Во првичната информација која ние ја презентиравме во јавноста ставивме на знаење дека овие лица презентирајќи или оддавајќи ги информациите добивале соодветна материјална корист или надокнада во парични средства или во друга имотна корист од страна на оние на кои им ги давале информациите кога станува збор за информации од безбедносен карактер кои се од интерес на РМ и кои не би смееле да бидат познати во јавноста. Уште еднаш ќе потсетам и на еден друг сегмент каде што токму со злоупотреба на службени информации, со креирање на недокрај вистинити приказни или целосно невистинити приказни оваа групација прибирала пари и преку сериозни уцени, закани, изнуди и токму дел од дејствијата кои им се ставаат на товар се поврзани и со кривични дела со елементи на насилство и во постапката што следува пред судовите секако дека ќе бидат изведени докази во оваа насока, рече Јанкулоска одговорајќи на пратеничко прашање на денешната собраниска седница.
За тоа дали ваквите активности на групата нанеле некоја неповратна штета на Република Мкаедонија и кој бил интересот од прибирање на вакви информации, министерката истакна дека во секоја држава секогаш постојат сензитивни информации кои во даден момент може да бидат употребени против неа и во таа смисла ваквото кривично дело воопшто не е наивно.
– Напротив, тоа е едно од најтешките кривични дела против државата. За среќа, Управата за безбедност и контраразузнавање во соработка со Бирото за јавна безбедност навистина спроведе една исклучително сложена и комплексна операција и практично оваа група е разбиена и со тоа е намалена опасноста за РМ, меѓутоа јас сакам да потенцирам дека и во периодот што следува ние ќе продолжиме со засилени активности по однос на следење на оваа проблематика бидејќи сепак националната безбедност и понатаму останува наш врвен приоритет и ние соодветно ќе реагираме на сите безбедносни закани, рече Јанкулоска.
Таа посочи дека токму и овие лица, бидејќи голем дел од нив имале законско право да дојдат во допир со овие информации заради работните места или позициите на кои се наоѓале, знаеле каков е степенот на сензитивноста на информациите со кои доаѓаат во допир и уште подобро знаеле каква корист тие може да донесат на некоја странска разузнавачка служба или на некои поединци во даден момент се разбира во соодветен општествено-политички контекст.
За успешната акција и разбивањето на групата клучна била подготвеноста на безбедносните служби, а тоа било резултат на воспоставениот систем на кариера кој е воведен во МВР, а согласно кој, како што рече Јанкулоска, се вработуваат најдобрите и најквалитетните.
– И преку таа акција, и преку денешната акција на полицијата за справување со недозволена трговија со дрога која има меѓународен карактер, но и преку ред други полициски акции кои континуирано секојдневно се случуваат во РМ и сведочат за неселективната борба против корупцијата и криминалот, која очигледно на опозицијата и изгледа невообичаено, бидејќи во времето кога СДСМ раководеше со државата ниту имаше борба против корупцијата и криминалот, ниту имаше полициски акции, ниту пак имаше каква било активност на безбедносните служби. Напротив, сите добро знаеме што се случуваше и со што резултираше нивното разорувачко дејство кое го имаа врз институциите на РМ, рече министерката за внатрешни работи.
Според Јанкулоска, во врска со акцијата „Шпион“ зачудува поклопувањето на ставовите на главната опозициска партија со ставовите со една соседна држава.
– Верувам дека тие ќе најдат начин да објаснат на што тоа се должи дали евентуално се работи за некаква претходна координација или се работи за коинциденција, рече Гордана Јанкулоска.