Демократскиот сојуз најостро ги осудува обидите на власта да ја релативизира одговорноста за упадот во Контролната кула за летање на Аеродромот во Петровец. Да се тврди дека со упадот и насилството на осуммина бандити на ДУИ во Кулата за контрола на летање не се загрозува воздушниот сообракај е театар на апсурдот, бидејќи аргументиран и издржан став презентираа и експертите. Но, не треба да бидеш експерт за да знаеш дека со неовластен упад и насилство спрема контролорите за летање директно е загрозен авиосообраќајот. Само среќата спасила можна катастрофа, се вели во реакција на Демократскиот сојуз.
– Сакаме посебно да укажеме на причините за „бегството“ на еден од тепаните, кој бил под силен притисок и закани да не дава изјава пред Јавниот обвинител. Да потсетиме на идентичен случај во 2010 година, кога Беким Незири претепал контролор на летање, потоа го избркале и него и неговата сопруга од работа, по што тој избегал во една од скандинавските земји.
Затоа Владата мораше да ги разреши директорите на М-НАВ, Беким Незири да биде суспендиран од работното место во М-НАВ, а Судот на сите осуммина да им определи притвор. Но ништо од тоа, на дело се партиските влијанија, партиските раководства во МВР, Јавното обвинителство и судот, кои на смислен начин го опструираат целиот криминален настан. Партиската блокада на институциите води кон анархија, криминал и дестабилизација на државата. Одговорност мора да има за сите кои ги кршат законите, или сега или после изборите по промената на власта – велат од партијата.