Среќен сум што ЕУ сака да учествува во заштитата на шалтер салата на Поштата во Скопје, и културното дело кое се наоѓа во шалтер салата. На тие кои се задолжени за управувањето на Пошта ќе им сугерирам да ја прифатат помошта, вели премиерот Димитар Ковачевски.
-Ќе мора да проверам за каква одлука се работи. Но јас навистина сум среќен што ЕУ сака да учествува во заштитата на тоа значајно културно дело кое се наоѓа во шалтер салата на Пошта. И она што е во моја моќ, ќе им сугерирам на тие кои што се задолжени за управувањето Пошта, бидејќи мора да разбереме дека Пошта е посебно претпријатие, кое што има Управен одбор, менаџмент тим, кој што се задолжени за негово функционирање, да ја прифатат таа помош, и да таа шалтер сала се направи да биде таква каква што била, најмалку, и да може да се користи за намени кои ќе можат да ги користат повеќе граѓани на државата, а се со цел да уживаат во убавината на тоа ремек дело кое што е направено пред многу децении, рече Ковачевски на новинарско прашање во врска со ревитализација на шалтер салата на Пошта дали има владина одлука во делот на имотно правните односи таа да се предаде во владение на Министерството за култура или нема, по презентацијата во ТИРЗ на првата странска инвестиција за 2024 година.
Евроамбасадорот Дејвид Гир неодамна упати лична забелешка за дел од скопските објекти за кои кажат дека го губат својот блесок меѓу кои го спомна и објектот на Централната пошта во Скопје, и искажа сугестија шалтер-салата да се искористи како место за одржување на креативни активности.
Зградата на Централната пошта во Скопје во 2021, се најде на листата на седум најзагрозени споменици во Европа за таа година. Листата ја составуваат Европа Ностра и Европската инвестициска банка, кои уште тогаш објавија дека секој од загрозените споменици на списокот ќе добие по 10.000 евра грант за активност која ќе придонесе кон зачувување.
Овие две европски организации, објавија и технички извештај за реконструкцијата на зградата на Централната пошта во Скопје, на чествувањето на 60-годишнината од скопскиот земјотрес, и ја потенцираат важноста на реставрацијата на оваа значајна градба која е дел од архитектонско наследство. Експертите проценуваат дека вкупните трошоци за нејзина рехабилитација се проценуваат на10 милиони евра со минимално времетраење на работа од три години.
Комплексот на Поштата, лоциран на кејот на Вардар во центарот на Скопје е дело на познатиот македонски архитект Јанко Константинов (1926-2010) и се смета за ремек-дело на модернизмот. Објектот претрпе сериозни оштетувања во голем пожар во 2013-та, како последица на што куполата и фреските од Борко Лазески, беа целосно уништени. Од тогаш објектот е оставен на временските непогоди.