ШК Алкалоид заокружи уште една успешна година

Од:

Вложените напори да се продолжи триумфалната низа која му дава за право на ШК Алкалоид да се нарече еден од најуспешните спортски колективи во Македонија беа целосно реализирани преку освојувањето нови трофеи во 2023 година. Претставниците на „фармацевтите“ со своите постигнувања на спортски план овозможија годинава да биде запишана како година во која се постигнати резултати вредни за почит, кои ќе бидат репер за иднината.

На поединечните државни првенства, кои се одиграа кон крајот на април, беа освоени двете титули – и во машка и во женска конкуренција. Велемајсторот Звонко Станојоски го презеде шампионскиот пехар од својот клупски колега ИМ Филип Панчевски (кој беше шампион за 2022 година), односно триумфираше на Отвореното првенство на Македонија освојувајќи 7,5 поени (од 9 кола). ЖФМ Моника Стојковска го одбрани насловот државна првенка кај дамите освојувајќи 7 поени (од 9 кола). На ова првенство Никола Бошковски од младинскиот тим на ШК Алкалоид беше прогласен за најдобар играч до 18 години, додека, пак, неговиот клупски колега Христијан Цакончев ја освои наградата за најдобар играч во категоријата до 1800 рејтинг-поени.

Во екипна конкуренција, ШК Алкалоид, исто така, ја освои двојната круна триумфирајќи со максимален ефект на двата турнира кои се одржаа во Охрид на крајот на август. За машката екипа на ШК Алкалоид ова е 11-та последователна титула и вкупно 25-та (од вкупно одржани 31 Екипен шампионат во сениорска конкуренција), резултат тешко достижен во кој било спорт!

На меѓународен план, шахистите на ШК Алкалоид настапија и на Светското екипно првенство за сениори, кое се одржа во Струга, каде што на ВМ Трајко Недев, ВМ Влатко Богдановски, ВМ Драгољуб Јаќимовиќ и на ВМ Звонко Станојоски им се приклучи и ВМ Кирил Георгиев. Во конкуренција на играчи над 50 години, тимот на ШК Алкалоид го освои петтото место меѓу 22 репрезентации, притоа ремизирајќи со првиот и со вториот носител на турнирот, селекциите на САД и на Англија. Дополнително, вонсериски успех направи ВМ Трајко Недев закитувајќи се со сребрен медал за играта на втората табла со 5,5 поени од 7 кола, при што во историјата ќе остане запишана неговата маестрална победа над супервелемајсторот Јан Елвест, некогашен учесник на турнирот за предизвикувачи на светскиот шампион. Многу лесно можеше да се случи медали да освојат и ВМ Кирил Георгиев (на првата табла) и Звонко Станојоски (на четвртата табла), но на крај завршија како четвртопласирани на своите табли.

На Екипното европско првенство што се одржа во Црна Гора за македонската репрезентација настапија и членовите на ШК Алкалоид ИМ Филип Панчевски (на третата табла) и ИМ Тони Лазов (на четвртата табла). Токму овој настап на ИМ Тони Лазов му ја донесе и првата норма за велемајстор, продолжувајќи и на овој турнир со одличните игри (на Државното првенство за екипата на ШК Алкалоид имаше 100 % резултат со 6 победи од 6 партии). На првенството што се играше во Будва Лазов освои 6,5 поени од 9 кола, комплетирајќи го својот настап на ова натпреварување без пораз!

На државните поединечни првенства во младинска конкуренција со златни медали во своите конкуренции се закитија Кирил Николовски во категоријата до 14 години, Ивана Велкоска во категоријата до 14 години и Илијана Велева во категоријата до 10 години, а беа освоени многу повеќе сребрени и бронзени медали. На Екипното младинско првенство јуниорите на ШК Алкалоид освоија медал во секоја конкуренција во која настапија, при што генерацијата до 18 години во состав Теодор Јовановски, Стојан Велкоски, Дино Табаковски, Матеј Бојковски и Иван Велкоски го освои првото место на својот турнир.

Дел од јуниорите кои освоија медали со поддршка на клубот учествуваа на Европското младинско поединечно првенство во Романија и на Светското првенство во Италија. За одбележување е настапот на Илијана Велева на Европското првенство за девојчиња до 10 години, каде што се пласираше на 24. место од 71 учесник. Младата шахистка од Свети Николе оваа година се истакна и со освојување на 14. место на Европското училишно првенство во Драч, во конкуренција до 11 години.

Како организатор клубот ја продолжи традицијата со организација на турнирот „Алкалоид Рапид Опен“, на кој учествуваат 227 играчи од седум земји, а овој турнир е во планот на активности и во новата 2024 година.

ПР текст

Би можело да ве интересира

Се одржа првата регионална конференција под покровителство на Becutan „Родителството некогаш и денес“

А1он

Прва регионална Becutan конференција во Скопје: „Родителството некогаш и денес“

Генералниот директор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, панелист на Првата годишна конференција на „Блумберг Адрија“

Алкалоид со пласман во следна фаза на ЕХФ Купот, повторно падна литванска Клаипеда

А1он

Високите амбиции го враќаат шаховскиот клуб АЛКАЛОИД повторно во борба за европскиот клупски трон

„Алкалоид“ повторно дел од најреномираниот глобален фармацевтски собир CPhI