Најмалку шест лица загинаа, а околу 30 се повредени денеска при судир на патнички воз и двокатен градски автобус во канадскиот главен град Отава.
Канадските медиуми јавија дека сите жртви биле патници во автобусот, како и дека нема информации за посериозно повредени меѓу лицата кои патувале со возот.
Дури 11-мина од повредените се наоѓаат во кртична состојба, па можно е конечниот биланс на жртвите да биде и поголем.
Според очевидци и патници, до несреќата дошло кога автобусот тргнал преку железничката пруга и покрај спуштената рампа на преминот и звучната сигнализација на возот. Сепак, некои медиуми забележуваат дека рампите на преминот стојат кренати и дека се неоштетени, па можно е тие воопшто и да не биле спуштени во време на несреќата.
Причините зошто автобусот не запрел веројатно никогаш нема да бидат дознати, од причина што неговиот возач е меѓу загинатите.
Денешната несреќа доаѓа нешто повеќе од два месеци по трагедијата во местото Лак-Матантик во Квебек, кога од шините излета воз со 72 вагон-цистерни натоварени со нафта, при што дојде до експлозија и пожар во кој загинаа 47 лица.