Царински инспектори од Секторот за контрола и истраги од Царинската управа привремено задржаа товарно моторно возило со полуприколка, натоварено со алуминиумски котури во вредност од 92.635,70 евра, откако возачот, кој е грчки државјанин на граничниот премин Богородица при влез во земјава се обидел да стави на увид транспортно средство на кое е поставено царинско обележје – пломба и овозможил отварање на делот од возилото во кое е сместена стоката.
Како што е наведено во денешното соопштение од Царинската управа, во петокот, на 8 декември, царински инспектори на ГП Богородица селектирале на детален преглед товарно моторно возило со грчки регистарски таблички управувано од грчки државјанин, кое транзитирало од Република Грција до Република Германија. Притоа е утврдено дека сајла со поголема должина е намотана на задниот дел кај рачките кој служат за затварање на приколката, а со самото подигање на металната шипка на која што е обвиткана ролетната, церадата се отвара без да се оштети царинското обележје – царинска пломба.
-Со ваквата поставеност на сајлата, возачот направил можност за вадење или пак ставање на друга стока во возилото при премин на гранична царинска линија, со што се прекршува царинската регулатива, велат од Царинската управа.
Против возачот ќе биде поднесена соодветна пријава до надлежниот суд за сторен прекршок по член 263 од Царинскиот закон, а согласно член 269 од Царинскиот закон, одземени се стоката и возилото – влекач и приколката и ќе бидат предадени на Агенцијата за управување со одземен имот.