Соработката, регионалната, така и меѓународната, во сите области е клучна за напредок во сите области, не само во економијата, трговијата и инвестициите, туку и посебно во борбата против криминалот и спроведувањето на законот, како што беше покажано и при вчерашното успешно расчистување на грозоморното двојно убиство што ја потресе Северна Македонија, регионот, но и меѓународната јавност, истакна денеска во Брисел премиерот Димитар Ковачевски.
Во обраќањето на почетокот на последната сесија од скрининг процесот на земјава, Ковачевски се осврна и на случајот со минатонеделното двојно убиство, нагласувајќи дека тоа ја покажува важноста на меѓународната соработка која земјата ја има со партнерите од ЕУ и со земјите од регионот.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Ковачевски потсети дека согласно доказите кои полицијата ги прибра во предистражната постапка врска со овој случај, веќе се поднесени кривични пријави против пет лица, од кои едно е осомничено за грабнување и убиство, три за грабнување и соизвршителство околу убиство и едно за помагање за грабнување.
– Вчеравечер нашиот министер за внатрешни работи (Оливер) Спасовски, доби известување од колегите од Република Турција дека креаторот и директниот извршител на злосторството е фатен и лишен од слобода на нивна територија, согласно оперативните сознанија кои ги имаше нашата полиција за патеката на движење на осомничениот откако ден претходно, на 4 декември 2023 година, беше распишана итна меѓународна потерница од страна на ИНТЕРПОЛ, истакна Ковачевски.
Тој воедно упати благодарност за успешната партнерска соработка до Турција, Србија и Бугарија, преку чии територии се движел осомничениот, како и до Хрватска, која самоиницијативно изврши проверка на нејзината територија и ги извести партнерските служби со земјава и за досегашната одлична соработка во рамките на ИНТЕРПОЛ.
– Ова беше уште еден успешен пример дека само со блиска, заедничка соработка може да очекуваме успешни резултати на секое поле. Ви благодарам за сета досегашна соработка, поддршка која Северна Македонија ја има во изминатите 32 години, во својот развој, во развојот на демократско општество, во развојот на економијата, во обезбедување на социјална сигурност и ве уверувам дека оваа Влада предводена од мене ќе направи се овој евроинтеграциски пат на Северна Македонија да продолжи и заедно со граѓаните и заедно со вас во 2030 година да прославиме полноправно членство на Република Северна Македонија во Европската Унија.”, истакна Ковачевски во обраќањето на почетокот на скринингот по Кластерот 6 за поглавјата „30 – Надворешни односи“ и „31 – Заедничка надворешна и безбедносна политика“, со чие затворање завршува овој процеси и пристапните преговори на земјава со ЕУ.