Седницата за уставните амандмани е отворена, дневниот ред е изгласан и се отвори дискусија во која што сите граѓани се уверија дека немаше ниту една забелешка во однос на поднесените амандмани. Процесот по 31 декември не се затвора. Тој ќе биде отворен се додека не биде реализирана обврската која Северна Македонија ја има согласно преговарачката рамка, изјави премиерот Димитар Ковачевски.
Ковачевски на новинарско прашање што ќе се случи со уставните измени со оглед на тоа што крајот на година е крајниот рок за отворање на поглавјата, посочи дека тие уште се на дневен ред.
-Дневниот ред е изгласан и се отвори дискусија во која што сите граѓани се уверија дека немаше ниту една забелешка во однос на поднесените амандмани. Ако имаше забелешка во однос на поднесените амандмани, дискусијата уште ќе траеше. Амандманите беа подготвени од страна на врвни експерти во Комисијата формирана од Владата преку Министерството за правда, а имаше дополнително и претставници на политичките партии. Единствено опозициската политичка партија не сакаше да учествува. Тие всушност не сакаат да учествуваат во ниту еден процес. Тие не учествуваат ниту во тоа што им е работа, изјави денеска Ковачевски по посетата на фабриката „АТС АММО“ во Македонски Брод.
Тој останува на ставот дека по 31 декември процесот не се затвора. Како што рече, тој процес е отворен и ќе биде отворен се додека не биде реализирана обврската која што Северна Македонија ја има согласно преговарачката рамка и согласно заклучоците на Собранието, кои се донесени со мнозинство по број на пратеници од доминантниот број на политички партии во државата.
-После таа одлука, следуваат нови одлуки со дво третинско мнозинство. Сите оние кои се против оваа одлука се и против нови одлуки со дво третинско мнозинство за реформа во правосудството, за реформа во финансирањето на локалната самоуправа, за реформа во јавната администрација. Ова е прва од низата одлуки. Овој процес не е процес на еден човек, ниту на една партија туку е процес на целото општество како Северна Македонија да стане земја членка на ЕУ. Дента кога ќе станеме членка на ЕУ во 2030 година, ќе направиме настан на кој што нашите граѓани ќе можат да ги соберат пасошите кои што ги имаат земено од други држави за да можат да работат во ЕУ и да им ги вратиме, бидејќи нашиот пасош ќе ги има звездите на ЕУ, рече Ковачевски.