Ковачевски: Пензиите веќе пораснаа во просек за 5.000 денари, просечната плата е над 600 евра, минималната плата е двојно поголема и ќе продолжат да растат по закон, а не по предизборни ветувања

Од:

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, на денешната седница за пратенички прашања во Собранието на Република Северна Македонија, ги објасни ефектите од донесениот Закон за минимална плата и новата Методологија за пресметка на пензиите, со што има значителни покачувања на платите и пензиите.

„Со новата методологија на пресметка на пензиите, пензиите веќе пораснаа за 5.000 денари. Односно сега се поголеми за 5.000 денари во однос на тоа што изнесуваа претходно“, соопшти премиерот Ковачевски.

Пензиите, како што објасни премиерот, веќе растат два пати годишно, со усогласувања, 50% според трошоците за живот и 50% според просечната плата.

„Ако се спореди со 2016 година, во време на претходната влада, просечната пензија изнесувала 13.754 денари, или нешто над 200 евра. Во март оваа 2023 година, просечната пензија е покачена на околу 20.000 денари, што е зголемување од околу 6.000 денари, односно 100 евра. Минималната пензија, којашто во 2016 година беше 9.000 денари, денес е 13.200 денари. Односно, оттогаш до денес е покачена за 4.000 денари.

И ако зборуваме со факти – што навистина линеарно успеале да спроведат оние кои до 2016 година беа на власт, а сега се опозиција, според формални податоци тоа е: 600 денари во 2014 година, 621 денар линеарно зголемување во 2015 година. 654 денари има линеарно зголемување во 2016 година. Е тоа беше нивното линеарно зголемување на пензиите. По 600 денари, а сите други пари споменици, стиропори, жални врби, среќни врби“, рече премиерот при направената споредба.

Претседателот на Владата, Ковачевски, оцени дека постои суштинската разлика – што значи да се спроведуваат политики и решенија коишто вистински, на реални основи и долгорочно го унапредуваат животот на граѓаните. Наспроти популистичките политики на една претходна режимска влада, кога платите ги држеше на исто ниво, а пензии покачуваше предизборно – и тоа минимално.

„Тоа, претставници од таа тогашна влада, денес го прават и од позиција на опозиција – и покажуваат дека во нивниот и став и пристап ништо не се променило за 15 година. На една иста конференција ќе чуете каде што еден претставник ќе каже зголемување на пензиите, а другиот кажува биди претпазлив не треба да има зголемување на пензиите – и едно и другото направени без никаква анализа и без никаква емпириска студија за ефектите врз фискалната политика или врз ефектите или врз фондовите“, констатираше премиерот Ковачевски.

„Платите и пензиите растат и ќе растат со сигурност, со ваква Влада и со вакви законски решенија направени врз основа на системски методологии коишто беа донесени и од Владата, меѓутоа и од вас пратениците во Собранието“, порача премиерот Ковачевски, кој направи споредби и во однос на покачувањата на минималната и на просечната плата.

„Просечната плата за септември 2023 е 37.876 денари! Односно, просечната нето плата за септември 2023 година изнесува 614 евра! Го исполнивме ветувањето за 500 евра просечна плата, со тоа што исполнивме и повеќе од што ветивме на граѓаните и порано од зададениот рок 2024 година. Денес просечната плата е над 100 евра повеќе од тоа ветување. 614 евра! Ова значи дека ја покачивме просечната плата за 250 евра во однос на 2016 година, кога изнесувала околу 360 евра, или 22.460 денари, според официјален податок од Државниот завод за статистика“, рече премиерот.

„Оваа Влада, во време на пандемија и на светска економска криза го донесе и деветтиот пакет антикризни мерки исто како и претходните осум пакети за финансиска поддршка и на граѓаните и на компаниите, а истовремено успеа просечната плата да ја покачи за 15.000 денари, односно за 250 евра. Успеавме, за 5 ипол години, да ја покачиме просечната плата речиси двојно повеќе, од тоа што го направила претходната влада за 10 години. Во периодот од 2006 – 2016 година, во време кога немаше ни пандемија ни светска економска криза, за цели 10 години, тогашната влада ја покачила просечната плата едвај 8 ипол илјади денари, односно нецели 150 евра“, додаде премиерот Ковачевски.

Претседателот на Владата посочи дека и кај минималната плата има голема разлика, во однос на порано.

„Во државата денес има историски највисока минимална плата од 20.175 денари, кога идната година ќе биде 22.500 денари. Толку изнесува минималната плата што работодавачот е должен да ја исплати за работа извршена за полно работно време. И ова го загарантиравме со закон и со новата методологија за постојан раст на минимална плата. Секоја година во месец март минималната плата веќе се усогласува: 50% согласно порастот на трошоците за живот и 50% согласно порастот на просечната плата од измината година. Околу 90.000 работници во текстилната, чевларската и кожната индустрија кои беа дискриминирани во време на претходната влада и земаа плата пониска дури и од минималната плата, денес се изедначени со работниците во сите други стопански гранки и сите примаат минимална плата од 330 евра. Скоро колку што изнесуваше просечната плата во 2016 година. Денес минималната плата е еднаква на просечната плата којашто беше во 2016 година“, констатираше премиерот.

„Од 2012 година до 2016 година, значи за 5 години, минималната плата пораснала само за 2.000 денари (од 8.050 на 10.080 денари).Тоа е времето кога се правеа стиропори, кога се ставаа жални врби во Вардар кои што се исушени, кога за два милиони евра се купуваше една лавовска глава да се стави на мостот Гоце Делчев – е таму оделе парите од 2012 до 2016. 2.000 денари зголемена минимална плата за цели 2 години, тоа е годишно по 400 денари – е тоа работела претходната влада. Тогаш немало ни светска здравствена, ниту светска економска криза. За ист временски период од 5 години и во време на овие кризи, ние ја покачивме двојно минималната плата од 10.000 денари на 20.000, односно на 22.000 – догодина ќе биде, тоа е над 150 евра покачување! Секоја година во овие 5 години растеше минималната плата по околу 1.500 денари. И тоа продолжува затоа што направивме и тука законско решение каде што платата расте согласно трошоците за порастот на живот и порастот на просечната плата, а рековме и дека минималната плата, нејзиниот пораст ќе поттикне раст и на останатите плати и граѓаните се уверија дека тоа е можно. А кои беа критиките? Ако се направело тоа, ќе имало негативен ефект врз Буџетот, па ќе имало негативен ефект врз економијата“, посочи премиерот.

„Оваа година ќе имаме исто така рекордно ниво на инвестиции, јас ве уверувам дека за двете години од мандатот на мојата Влада, јавните инвестициите во државата ќе бидат 1 милијарда евра. Порано не можеше по 300 милиони годишно да има инвестиции на ниво на државата, каде што грото беа купување коли, мебели…, тоа сега нема. Зборувам за 2006 до 2016 година“, рече премиерот Ковачевски, на седницата за пратенички прашања во Собранието на Република Северна Македонија.

Би можело да ве интересира

Ковачевски вели работел законски, очекува непристрасна постапка од институциите

Катерина Ѓуровски

МВР го објави деталите од кривичната против Ковачевски, Груби и Бајрами

А1он

Не е отфрлена кривичната пријава против Ковачевски, Обвинителство ги проверува наводите

Катерина Ѓуровски

Филипче ја презеде претседателската функција во СДСМ

Ковачевски: Граѓаните одлучуваат дали одиме во ЕУ или се враќаме назад

Катерина Ѓуровски

Ковачевски од Струмица: Му благодарувам на ЗНАМ што ја разјасни дилемата и што застана јавно со ВМРО-ДПМНЕ

Предраг Петровиќ