На крајот од нашето претседавање испраќам порака на надеж дека нема да ја пропуштиме нашата средба со историјата, дека ќе одговориме на тежината на моментумот и дека ќе обезбедиме предвидлива и конструктивна иднина за ОБСЕ.
Ова го порача шефот на дипломатијата и претседавач со Организацијата за безбедност и соработка во Европа Бујар Османи во обраќањето на отворањето на 30. Министерски состанок на ОБСЕ во Скопје.
– Ќе ги пренесам трите пораки дека ОБСЕ опстојат и продолжува да испорачува. Северна Македонија го презеде претседавањето со ОБСЕ во година на активна војна со невидените досега закани по европската безбедност и по меѓународниот поредок базиран на правила. Руската воена агресија врз Украина ги прекрши сите правила на Организацијата, Финалниот акт од Хелсински и други клучни документи за европската сигурност и човековите права. Војната ги поктопа довербата, дијалогот и нашиот капацитет да испорачаме, а над се таа ги уништи животите на обичните луѓе, нивното право да живеат слободно, сочени со стравот од војната и создадените воени услови. Во рамки на ОБСЕ дијалогот и соработката беа заменети со поделби и поларизација. Консензусот често инструментализиран за постигнување национални политички цели, наместо да му служи на колективниот интерес, стана оружје правејќи ги постигнувањето на практичните цели далечни и тешко достижни, рече Османи во обраќањето.
Овие околности, како што посочи, создадоа уникатна оперативна средина за претседавањето на Македонија.
– Но и покрај овој исклучително тежок контекст, ние останавме решителни на нашиот курс да служиме на вредностите на ОБСЕ. Поддржани од мнозинството земји учеснички, успеавме да го избегнеме дефетизмот и да насочиме критична енергија да ги адресираме предизвиците со кои се соочува Организацијата по нејзиниот опстанок. Се чувствувам слобoдно да кажам дека и покрај овие препреки ние успеавме да ја одржиме организацијата релевантна. Сите заедно успеавме да ја зачуваме ОБСЕ, истакна Османи.
И покрај сите потешкотии ОБСЕ продолжи да испорачува, оцени Османи и нагласи дека без оглед на војната во Украина и случувањата на Блискиот Исток, мултирателатиризмот останува најдоброто оружје за превенција на конфликти и надминување на несогласувања.
-Со поглед кон иднината ние дадовме приоритет на неколку важни области како што се климатските промени, сајбер закани, антикорупција. Како што се менува светот се менува и ОБСЕ и ние продолжуваме да им служиме на луѓето, рече шефот на македонската дипломатија.
Со цел одржување на ОБСЕ, нагласи Османи, ние бевме посветени на сите предизвици, а меѓу нив е постигнувањето консензус за Малта како иден претседавач со организацијата за 2024 година. Тој ја напомна и важноста од изборот на генерален секретар и на останатите функции, како и на буџетот за функционалноста на ОБСЕ.
-ОБСЕ може да направи многу, и мора да испорача, бидејќи се работи за луѓето, а тоа беше и наративот на нашето претседателство, истакна Османи.
Северна Македонија и главниот град Скопје се домаќини на 30. Министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа – ОБСЕ, на кој учествуваат околу 1000 делегати од 57 земји членки на Организацијата и земји партнери.
Министерскиот состанок кој што се одржува во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ официјално ќе го отворат претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, претседавачот со ОБСЕ, министерот Бујар Османи и претседателот на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Пиа Каума. На отворениот дел од пленарната седница Извештај ќе поднесе генералниот секретар на ОБСЕ, Хелга Марија Шмид.