Шеснаесетмина од приведените во акцијата „Шпион“ добија по 30 дена притвор. На вработен во Државниот архив му е одреден домашен притвор поради здравствени причини, а на тројца по коин се трага меѓу кои и новинарот, истражниот судија им одреди мерка притвор откако ќе бидат приведени.
Сите освен еден од осомничените се товарат за злосторничко здружување. Основниот суд со соопштение информира дека првоосомничениот, поранешен разузнавач освен за злосторничко здружување се товари и за шпионажа, измама и уцена.
За шпионажа обвинети се и двајцата вработени во Агенцијата за разузнавање, еден од Управата за безбедност и контраразузнавање, екс вработен во Службата за воена безбедност и разузнавање на Министерството за одбрана,вработен во Министерството за одбрана и екс директор на Управата за спречување перење пари и финансирање тероризам.
Новинарот кој не е достапен за полицијата, освен за злосторничко здружување ќе одговара и за шпионажа и уцена, заедно со уште еден за злосторничко здружување, измама и уцена.
За злосторничко здружување и изнуда се товари и поранешен генерал на МВР, а за злосторничко здружување, уцена и изнуда ќе одговара и вработен во еден мобилен оператор.
Шефот на кабинетот на претседателот на Собранието се товари за злосторничко здружување и уцена и уште еден осомничен. Вработениот во државниот архив кој е во домашен притвор се товари за оддавање државна тајна, злосторничко здружување. Тројца поранешни вработени во МВР се товарат за злосторничко здружување и уцена. Екс вработен во одбрана ќе одговара за шпионажа.