Повторно ќе почне да функционира нафтоводот Солун – Скопје

Од:

По десет години неактивност, отворен е патот за одново ставање во функција на нафтоводот Солун – Скопје, откако надлежната регулаторна комисија на Северна Македонија дала зелено светло и лиценца за работа, според извршниот директор на грчката компанија „HELLENiQ ENERGY“, Андреас Сиамисис, јави дописничката на МИА од Атина.

Во интервју за „Катимерини“, Сиамисис коментира дека ова е „важна позитивна разврска“ со оглед на тоа дека е дадено решение на повеќегодишен проблем и вложените напор, „конечно донесоа резултат“.

-Сепак, треба да додадеме дека останува уште работа за нафтоводот да почне со трговска работа. Постојат значајни отворени прашања, кои верувам дека ќе се решат со добра волја од двете страни. Ќе продолжиме да работиме во оваа насока бидејќи, како што знаете, на овој пазар HELLENiQ ENERGY е позиционирана стратешки, со долгорочен план. Да потсетам дека во Северна Македонија сме над 20 години, вели извршниот директор на грчката компанија.

Нафтоводот, според него, може годишно да пренесува 2,5 милиони тони сурова нафта и нафтени деривати (дизел, керозин и бензин).

Во однос на тоа дали по толку години неактивност, нафтоводот е подготвен да проработи, Сиамисис одговара позитивно и објаснува дека неодамна завршиле целосна контрола во која користеле најнова технологија за проверка, направиле сè што е потребно и е подготвен да се стави во функција, „штом се исполнат сите предуслови“ и посочува дека паралелно ја продолжиле функционалноста на проектот до јуни 2051 година.

Сиамисис истакнува дека одновото ставање во функција на нафтоводот ќе донесе повеќекратни придобивки за сите, кои не се само економски, а „најважна од сè е заштитата на енергетската безбедност и доволност во поширокиот балкански регион“, но и дека е очигледен изборот нафтата да се транспортира на овој начин, наместо со возови и стотици цистерни на патиштата.

-Имаше многу случаи кога надворешни фактори доведоа до прекин на непреченото снабдување на пазарот во соседната земја. На пример, во моментов се соочуваме со непредвиден случај, што создава значаен проблем со снабдувањето на Северна Македонија. Имаше лизгање на подлогата во близина на регионот Градско, по нашата граница со Северна Македонија, поради што беше прекинат сообраќајот на возовите, а датумот на неговото обновување останува непознат. Накратко, не може да се транспортира ниту еден производ со железница до град Скопје. Ова директно влијае на транспортот на нафтени деривати, објаснува Сиамисис, истакнувајќи дека токму затоа е важна работата на нафтоводот, за да се гарантира безбедноста на снабдувањето.

Истакнува паралелно, дека тие како компанија може да гарантираат и непречено снабдување на Северна Македонија со дизел, а истовремено, земјата „ќе има можност да стане важен регионален енергетски центар за блиските дестинации, со што ќе ја надгради својата позиција и улога во поширокиот регион“.

Во интервјуто за „Катимерини“, извршниот директор на грчката компанија ја објаснува историјата на нафтоводот од неговата изградба во 2002 година во сопственост на компанијата „Vardax“ и со удел од 20 отсто на Владата на Северна Македонија, со главна цел да ги поврзе солунските рафинерии со тогашната рафинерија на компанијата ОКТА во Скопје, до неговото затворање и разговорите за повторно отпочнување со работа.

Во 2013 година, според Сиамисис, било оценето дека е неисплатливо ОКТА да продолжи со работа како рафинерија и наместо тоа било одлучено капацитетите да се искористат како регионален центар за снабдување на Западен Балкан, со промена на употребата на нафтоводот и одлука да транспортира најсовремени и најчисти производи.

Објектите на ОКТА биле модифицирани за новата функција и направени значителни инвестиции за нивна модернизација, но сепак нафтоводот „остана неактивен, бидејќи задоцни издавањето на соодветната промена во неговото лиценцирање“.

-Напорите се интензивираа од 2020 година наваму, кога беше формирана заедничка комисија за да изнајде области на поклопување меѓу инволвираните страни, во поповолна средина. Во ноември минатата година, откако ги исполни сите поставени услови, нашата подружница „Vardax“, која е сопственик на гасоводот, повторно поднесе барање до надлежната регулаторна комисија на Северна Македонија, да добие дозвола за нафтоводот да работи за транспорт на рафинирани производи, наместо сурова нафта. По ова се отвори патот кој доведе до позитивниот резултат што го споменав, истакна Сиамисис.

За правниот спор што компанијата го имаше со Владата на Северна Македонија за прекршување на договорните обврски, извршниот директор објаснува дека тоа не е поврзано со нафтоводот и се однесува на договорот за стекнување на акциите на ОКТА и соодветната државна гаранција за минимална потрошувачка од 500.000 тони мазут годишно, нешто што не било исполнето и следеше судска разврска во корист на „HELLENiQ ENERGY“, а сега, како што вели Сиамисис за „Катимерини“ ги чекаат потезите од другата страна, за да се затвори и ова нерешено прашање.

Би можело да ве интересира

Силен земјотрес во Грција

СБУ: Украински беспилотни летала погодија 12 руски рафинерии за нафта од почетокот на војната

Убиство во Солун: Полицаец ги однесе децата на училиште, па ја уби поранешната сопруга

Редовна железничка линија за транспорт на контејнери од пристаништето во Солун до Скопје

(ВИДЕО) Брутална ликвидација во Солун: Застрелан откако се обиде да го удри

Катерина Ѓуровски

Русија: Во експлозијата, предизвикана од напад на два дрона, оштетена е управната зграда на нафтоводот