Криминалците се жилави во изигрување на законот и системот, а корупцијата има разорни ефекти врз нашите животи, животите на нашите граѓани кои оправдано се разочаруваат од слабите ефекти, кажа вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска на денешната дебата за Законот за конфискација кој се уште се разгледува.
„Ние сме мала земја, со многу јавни тајни, а многу малку разрешници и тоа придонесува за уште поголемо чувство за немоќ на обичниот граѓанин. Доаѓаме до ситуации во кои тие што се „снашле“, што го искористиле своето влијание и моќ, да се провлечат пред законот“, рече Грковска.
Вицепремиерката смета дека анализата покажала дека Законот за конфискација не се поклопува со веќе постоечките закони.
„Со овој закон се заштитува јавниот интерес на државата. Се ограничува правото на сопственост во согласност на Уставот. Со законот се овозможува олеснета меѓународна соработка. Придобивките на законот за целото општество претставуваат додадена вредност. Овој закон не претставува и не смее да претставува замена за конфискација во кривична постапка. Тој не е изговор за обвинителите во кривична постапка да избегнуваат кривични постапки и конфискација во кривична постапка, напротив, ова е дополнителен начин. Овој механизам бара брза реакција од државата, за да не биде понатаму користен имотот кој е незаконски стекнат“, посочи Грковска.
И покрај тоа што го пофали, вели дека е свесна дека има простор за подобрување на ова законско решение кое уште не е донесено. Сепак, смета дека истото може да се подобри и во текот на расправата во законодавниот дом, но и преку јавна дебата.