На глобалните Цените на нафтата паднаа и минатата недела, вторпат по ред, бидејќи понудата од Блискиот Исток не е нарушена, а побарувачката може да падне поради слабоста на најголемите светски економии. На лондонскиот пазар цената на барелот минатата недела падна за 6,2 отсто, на 84,90 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот се намали за 5,9 отсто, на 80,50 долари.
Иако се интензивира, конфликтот меѓу палестинската организација Хамас и Израел засега не го наруши снабдувањето со нафта од Блискиот Исток. „Нафтениот пазар внимателно ќе следи за знаци на ескалација на тензиите на Блискиот Исток, особено на границата со Либан, со оглед на честите напади на Хезболах“, рече Фиона Цинкота од Сити Индекс.
Доколку конфликтот се прошири во тој регион, може да дојде до прекин на испораките на нафта. Сепак, тоа сè уште не е случај. „Конфликтот во моментов е на втор план за пазарот бидејќи не влијаеше значително ниту на побарувачката ниту на прекинот на понудата“, вели Џон Килдаф, партнер во Again Capital.
Трговците минатата недела беа фокусирани на монетарната политика. По агресивното зголемување на каматните стапки во последната година и половина, американската централна банка, ФЕД, како и британската, минатата недела ги оставија каматните стапки непроменети.
Со оглед на тоа што инфлацијата во западните земји постепено се намалува, на пазарите преовладуваше тезата дека циклусот на покачување на каматните стапки е завршен.
Ова ги поддржа цените на нафтата во средината на неделата, но подоцна цените паднаа бидејќи низа податоци покажаа дека растот во најголемите светски економии забавува, што ќе ја ослаби побарувачката за „црното злато“.
Така, извештајот, објавен во петокот, покажа дека вработеноста во САД ослабела во октомври, додека платите пораснале помалку отколку во септември, што најавува слабеење на побарувачката.
Ова го најавуваат и податоците кои укажуваат на забавување на растот на економијата на еврозоната.
Трговците беа загрижени и од неочекуваниот пад на активноста во кинеската индустрија во октомври. И низа други податоци покажаа дека кинеската економија, најголемиот увозник на нафта во светот, расте побавно од проценетото. По минатонеделниот пад, цената на барелот на лондонскиот пазар сега е во минус во однос на почетокот на годината за околу 1 отсто, додека американскиот пазар и натаму е во плус, но само околу 0,3 отсто.