Инженерскиот тим, што работеше на операцијата за исправување на потонатиот туристички брод „Коста Конкордија“, објави дека бродот е целосно исправен по 19-часовна работа во близина на италијанскиот остров Џилио.
Нешто по 4 часот по локално време на островот Џилио се слушна сирена и началникот на италијанската служба за цивилна заштита Франко Габриели изјави дека бродот е во вертикална позиција и дека операцијата е успешно завршена.
Според инженерскиот тим нема знаци на загадување на водите околу бродот како резултат на операцијата за негово исправување.
Бродот Коста Конкордија со околу 4.200 луѓе на него потона по удар во подводни карпи крај островот Џилио во јануари 2012 година при што загинаа 32 лица.
Операцијата предвидуваше бродот да биде завртен за 65 степени со помош на челични јажиња и тегови. Според првични оценки, операцијата компанијата-сопственик Коста крочере, ја чини околу 600 милиони евра.