Приведените 17 лица во полициската акција „Шпион“, осомничени за шпионажа, злосторничко здружување, уцена и измама, рано утрово со доказен материјал се изведени пред истражен судија.
Како што информираат од МВР, се уште се трага по тројца осомничени, од вкупно 22.
Се очекува во текот на денот МВР на прес – кофнеренција да соопшти повеќе детали околу акцијата „Шпион“.
Во рамки на полициската акција „Шпион“ која течела во изминатите две години, беа приведени 17 лица. Од осомничените двајца веќе издржуваат казна затвор по друга основа.
Извршени се претреси во домовите на осомничените, при што се одземени голем број компјутери, 27 лап-топови, досиеја, 32 мобилни телефони, мемориски картички, 16 парчиња огнено оружје, УСБ-стикови, обемна докуменатација и други видови документи.
Според портпаролот Иво Котевски, најверојатно се работи за прв случај на шпионажа не само во Република Македонија, туку и во регионот.
Осомничените, според првичните информации, соработувале со странски безбедносни служби, оддавале државни тајни и класифицирани информации со различен степен.
Работеле и со уцени и измами, а дел од осомничените обезбедувале податоци за лица од јавниот живот и бизнис-заедницата и со закани изнудувале пари.
Од притворените има вработени двајца во Агенцијата за разузнавање, еден во Собранието, актуелни и поранешни вработени во МВР, во одбраната, Државниот архив, Управата за финансиско разузнавање, но и сопственици и вработени во приватни фирми.