Џафери: Би свикал лидерска средба, ако се согласат претседателите на партиите

Од:

Претседателот на Собранието Талат Џафери во изјава за МИА денеска вели дека би свикал лидерска средба за договор за термин за претседателски и парламентарни избори само доколку претседателите на политичките партии би се согласиле на тоа, предупредувајќи дека ако има разговори, тие би требало да завршат најдоцна до крајот на година. Се потоа ќе значи течење на роковите и постапките предвидени со закон и Устав за редовните избори.

-Прво и основно не е прашањето дали претседателот на Собранието би повикал или не лидерска средба. Мислам дека посоодветно е да се постави прашањето до лидерите на политичките партии дали би се одѕвале на евентуална покана и од тоа после зависи цела понатамошна постапка. Посоодветно би било прво информација да се има од волјата на лидерите да дојдат во Собрание. Од мој аспект нема никаков проблем таа волја да ја удоволам, вели Џафери.

На прашањето дали сепак би свикал средба доколку мнозинството лидери на партии бараат од него и покрај тоа што премиерот и лидер на СДСМ се изјасни дека нема потреба од такво нешто, претседателот на Собранието вели која би била смислата на една таква средба, ако нема волја од сите.

-Ќе свикам, но што ако не дојдат сите? Јас не одредувам теми за разговор, истакнува Џафери.

Претседателот на Собранието во изјавата за МИА вели дека роковите за редовни термини за изборите се јасно, прецизно, пропишани со Устав и со закон, но и дека има простор за договор, но само до крајот на годината.

– По однос на изборите, роковите за редови термини за избори се јасно прецизно пропишани со Устав и со закон. Наредна година е 2024 година – изборна година во која што би требало според редоследот да има редовни претседателски избори затоа што поинакви не можат ни да бидат освен ако не се исполнети условите од членот 52 став 2 од Уставот, да биде спречен да ја врши функцијата од која било причина претседателот па да има предвремени избори што по филозофија тие секако се редовни. И редовните претседателски избори во редовниот термин според Изборниот законик треба да се спроведат во последните 60 дена од тековниот мандат на актуелниот претседател на државата, појаснува Џафери.

Ако знаеме дека мандатот започнал на 12 мај со инаугурација на претседателот, додава тој, петте години истекуваат на 12 мај.

-После 60 дена од тој мандат, сметајќи од 12 мај наназад, се совпаѓа со 14 март, што значи прв можен ден за гласање на наредни претседателски избори е 14 март и кој било друг ден понатаму, а да не се загрози крајниот рок за вториот круг на избори имајќи предвид дека има два круга. Ако првиот ден би бил 14 март – прв круг, последователно по 14 дена ако одите да одржите втор круг, последен можен термин за втор круг а да сте во рамки на последните 60 дена се од 5 мај до 8 мај затоа што по завршување на избори 48 часа е жалбената постапка додека не се потврди конечноста на гласањето. Тие би биле 9-ти и 10 – ти, тоа се 48 часа ако одиме на 8 мај, 11-ти останува еден ден подготовка за инаугурација и на 12 да се изврши инаугурација. Меѓутоа, тоа е цајтногот, посочува претседателот на Собранието.

Прашањето што се поставува, вели Џафери, е што ако не се избере претседател.

-Ако не се избере има пропишана постапка за повторување на избори соодветно со постоечкиот закон и со Уставот, така што не е спорно тоа, додава тој.

Во иста година имаме парламентарни избори, а редовниот термин за парламентарни избори е во последните 90 дена од мандатот од четири години и тој мандат не може да се продолжи, освен во воена и во вонредна состојба.

-Четири години мандат на овој состав истекува на 4 август кога е конституиран последниот состав на Собранието. Од тој ден почнува првиот ден и последниот е 4 август. Бидејќи се врши изборот во последните 90 дена од мандатот, од 4 август кога ќе одите наназад 90 дена се совпаѓа 5-ти мај. Прв ден што може да се гласа за парламентарни избори е 5-ти мај, бидејќи е еден круг последователно секој нареден ден до 15-ти јули. И последен ден за гласање за парламентарни избори во редовен термин е 15-ти јули. Зошто? Затоа што од гласањето за Парламентот во рок не подолг од 20 дена од претседателот на Собранието во заминување треба да се свика конститутивна седница. Ако тој тоа не го направи најдоцна 20-иот ден од гласањето, 21-виот ден се собираат пратениците, најстариот пратеник свикува конститутивна седница и врши конституирање на Собранието. Така што, ова се рокови коишто се стрикни, нагласува Џафери.

Претседателот на Собранието потенцира дека секој термин пред 5-ти мај гласање за парламентарни избори се смета за предвремени избори и за тоа има друга процедура.

-Кој било друг датум да е во опција пред 5-ти мај претходно треба да има други постапки во смисла на Пржинска влада, во смисла на распуштање на Собранието и овие две работи треба да ги имаат во предвид, посочува Џафери.

Тој посочува дека Собрание не може да работи по распуштањето на Собранието, така што ако има потреба за повторување на претседателските избори, ќе нема кој да го направи тоа.

-Затоа тоа се работи коишто не се само политичка одлука – сакај тој ден или кој ден. И од таа причина можеби е потребата да се седне ако се во прашање изборите да се разговара за овие работи. Имено, ако се реши претседателските избори прв ден на гласање да бидат на 14-ти март, веќе на 4-ти јануари јас треба да распишам избори за да бидам во рамките минимум 70 дена, максимум 90 дена од распишувањето на избори до денот на одржувањето на изборите. Тоа е Изборниот законик член 12 и член последователен 13 после кажува од распишување значи мора да се води сметка што време да се има, вели Џафери.

Редовните парламентарни избори ако бидат на 5-ти мај, тој треба да ги распише на крај на февруари за да биде во минимум од 70 дена од роковите поставени во Изборниот законик.

-Јас мислам дека доколку се решат да разговараат за овие работи до крајот на оваа година треба да се начисто. Ако не, настапуваат моите уставни обврски од кои јас нема да отстапам оти тогаш јас би ја довел државата во ситуација на уставна криза. Јас тоа нема да го дозволам. И јас ќе одам спрема роковите, ќе распишам избори, ќе определам ден – кој ќе учествува ќе учествува, кој нема да учествува тоа е нивен избор, вели Џафери.

Би можело да ве интересира

Џафери ќе му ја предаде функцијата, Мицкоски го почнува мандатот

Талат Џафери стави потпис-си дозволи да се вози во службено возило уште една година

Џафери во чест на Курбан Бајрам: Солидарноста ја облагородува душата и му дава вредност на животот

Пратеничката група на Левица бара да се констатира престанок на мандатот на пратеникот Талат Џафери

Џафери: Се врши изборен инжeнеринг за менување на соодносот на силите во Собранието

Предраг Петровиќ

Џафери: Ги поддржуваме поставените темели во новиот акциски план за заедничкиот регионален пазар