Израелскиот министер за одбрана Јоав Галан денеска изјави дека одговорот на Израел во Појасот Газа ќе биде „запаметен за следните 50 години“.
Тој додаде дека палестинскиот „Хамас ќе зажали што ги започнал нападите“.
„Правилата на војната се сменија. Цената што ќе ја плати Појасот Газа ќе биде многу висока, што ќе ја промени реалноста за генерациите што доаѓаат“, рече Галан за време на обиколката на градот Офаким на југот на Израел, каде што борците на Хамас упаднаа во саботата и ги земаа Израелците како заложници.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) ги објавија имињата на уште 13 од 57 војници убиени во борбите со Хамас во јужен Израел.
Повеќе од 600 Израелци се убиени и повеќе од 2.000 ранети во нападите на палестинската милитантна група Хамас врз Израел, а повеќе од 100 се киднапирани.
Како одмазда, Израел започна воздушни напади во кои, според палестинските власти, најмалку 370 луѓе загинаа во Појасот Газа, а околу 2.200 беа ранети.