На социјалните мрежи се споделува видео на кое наводно се гледаат израелски девојки киднапирани од членови на милитантната група Хамас.
Најмалку 600 луѓе загинаа во Израел по масовен ракетен напад врз јужниот и централниот дел на земјата, а десетици цивили и војници се земени како заложници, јави Си-Ен-Ен, повикувајќи се на израелските одбранбени сили.
Краткиот клип прикажува група од 20-тина девојки од Израел кои биле земени како заложници од Хамас.
Видно исплашени, девојките се згрчени додека во близина се слушаат истрели и експлозии, а во празната соба ги чува вооружен член на Хамас.
Може да се види и како девојките одеднаш стануваат вознемирени, па следи поголем удар, проследен со плач и врисоци од страв поради неговата сила.
Prvi Izraelki koje je oteo Hamas pic.twitter.com/RYXLuZtDXI
— Pluton (@Pluton45873221) October 8, 2023
Не е познато каде се девојките, ниту каде е снимено видеото.
„Гардијан“ наведува дека Хамас однел до 100 израелски заложници во Газа, вклучувајќи жени и деца, што во голема мера ја отежнува израелската воена операција за нивно ослободување.
Како што се појавија шокантни снимки од преплашени израелски војници и цивили – некои облеани во крв, а други со покриени глави и врзани раце – кои беа одземени од милитантите на Хамас, нивната судбина и локација станаа едно од најитните прашања за воените планери.
Израел ќе „направи се“ за да ги ослободи и врати заложниците земени во Газа, изјави во неделата за Си-Ен-Ен портпаролот на израелските одбранбени сили мајор Дорон Шпилман.
„Имаме мажи, жени, деца и баби кои седат во Газа во некој подрум. Она што можам да ви кажам е дека нема да застанеме додека не ги исцрпиме сите можни средства (за нивно враќање). Нема да оставиме ниту еден човек зад себе и ќе направи се тоа да се случи“, рече тој за време на интервјуто во Сдерот.
Шпилман додаде дека израелските сили „се обидуваат да ја елиминираат инфраструктурата на Хамас што е можно поефективно“.
Додека во Израел беа убиени најмалку 600 луѓе, во изминатите 24 часа загинаа 370 Палестинци, меѓу кои 20 деца, соопшти палестинското Министерство за здравство. Хамас ја презеде одговорноста за нападите врз Израел, кој прогласи воена состојба и започна контранапад.
По нападот на Хамас, Израел почна да возвраќа, со напад на Газа и уривајќи ги станбените згради во големи експлозии, додека премиерот Бенјамин Нетанјаху предупреди дека земјата се соочува со „долга и тешка војна“ против Палестина. Тој пред новинарите изуутрината изјави дека Израел сега влезе во „офанзивна фаза“.