Полицијата во Солун запленила околу 585 килограми кокаин од Латинска Америка, означени со налепници со нацистичка свастика, а во таа акција биле уапсени седум лица, меѓу кои и еден Албанец и неговата сопруга.
50-годишниот албански државјанин се споменува како наводен водач на бандата во која биле неговата сопруга и две внуки, како и уште три лица, јавиja грчките медиуми. Групата била под полициски надзор, а била разбиена откако полицијата во Солун запрела 21-годишен маж и пронашла 239 пакувања кокаин со вкупна тежина од околу 280 килограми. Десетина минути подоцна, во друг дел од градот, уапсен е 33-годишен маж кој се обидел да ѝ побегне на полицијата.
При претрес на неговото возило биле пронајдени 238 пакувања кокаин, со вкупна тежина од 277 килограми. При претресот на куќата на наводниот водач на бандата, полицијата пронашла уште 23 пакувања кокаин со тежина од 26 килограми, 7.440 евра во кеш, седум мобилни телефони, четири банкарски картички и друга опрема. Полициските фотографии од заплената на дрогата покажуваат дека некои од пакетите биле означени со „свастика“. Минатиот мај, перуанските власти запленија пакети со кокаин означени со нацистичката свастика и со зборовите „Хитлер“ во пристаниште на северот на Перу, од каде што требаше да бидат испратени во Белгија.