Две силни експлозии се случија во централна Шведска, при што беа повредени најмалку три лица и оштетени згради. Доцна синоќа имаше експлозија во Хаселби, предградие на главниот град Стокхолм. Рано утринава, на околу 175 километри југозападно, се случи нова експлозија, при што е оштетена трикатница.
Не е познато дали експлозиите се поврзани. Шведското радио објави дека експлозијата во Линкопинг е поврзана со конфликт меѓу криминални групи. Бомбашките напади и престрелките се се поголем проблем во оваа скандинавска земја.
Годинава евидентирани се 261 престрелка, 36 лица загинаа, а 73 се ранети. Полицијата соопшти дека жителите на погодената област во Линкопинг биле евакуирани во блискиот спортски објект. Во Хаселби три лица се пренесени во болница, но нивната состојба не е позната.
Полицијата соопшти дека се уште нема уапсени. По експлозиите, шведската влада најави дека ќе одржи состанок на кој ќе се утврдат мерките кои би можеле брзо да се спроведат. Шведските министри за правда и цивилна одбрана, Гунар Штромер и Карл-Оскар Болин, ќе разговараат со други актери, вклучително и претставници на општините и регионите.