Собранието донесе одлука за формирање анкетна комисија за случајот со Онкологија

Од:

Со 82 гласа пратениците денеска донесоа одлука за основање анкетна комисија за скандалот во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија.

Предлогот поднесен од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ беше поддржан од повеќето присутни пратеници.

Пратеникот Петар Ристески од ВМРО-ДПМНЕ смета дека случајот за злоупотребата на терапија на Клиниката за онкологија треба да се расчисти, а анкетната комисија, според него, треба да утврди дали со тој скандал биле загрозени основните човекови права на пациентите кои се лекувале од моментот на ставање надвор од употреба на системот за контрола на терапија или популарно наречен КАТО системот за подготовка на цитостатиците.

– Основање на анкетна комисија треба да направи анализа на сите документи на Универзитетската Клиника за радиотерпаија и онкологија со цел утврдување политичка одговорност на владините и здравствени функционери поврзани со аферата. Крајно време е системот да профункционира и да потврди дека сме способни и во пракса, а не само декларативно и на зборови да се справиме со тешките облици на криминал и корупција. И кончено да ја прекинеме културата на неказнивост за сериозни прекршувања на законите. Овде мора да има одговорност. Се сложувам со многу дискутанти на оваа тема дека криминалот на Онкологија има име и презиме и мора одговорните, кои го сториле тоа да сносат морална, кривична и политичка одговорност, рече Ристески.

Информациите за злоупотреба на терапија на болните од рак, според него, се фрапантни и загрижувачки и побара одговорност од директорите, министрите, премиерот и целата Влада.

– Наместо на тие болни да им се пружи целосна поддршка, здравствениот систем сериозно потфрлил, со што е изгубена довербата не само кај овие болни, туку е доведен во прашање квалитетот на лекување на секој иден пациент, истакна Ристески окарактеризирувајќи го случајот како масовно убиство.

И пратениците од СДСМ ја поддржаа одлуката за формирање анкетна Комисија за скандалот на онкологија, која според пратеникот Ненад Коциќ треба да утврди дали има и политичка одоговорност, а ги поддржа и пациентите кои бараат редовно да ја примаат соодветната терапија.

– Доколку има злоупотреби да се евидентираат со име и презиме да бидат обелоденети во јавноста. Не го подржувам политичкото лешинарство, кое некои помали политички партии, кои пробаа да го девастираат целиот здравствен систем, рече Коциќ.

Според пратеникот на Левица, Борислав Крмов анкетните комисии досега се формирале за заташкување на случаи, но и покрај тоа рече дека ќе ја поддржат за да се изврши притисок да се стигне до правда и разврска во случајот.

Тој посочи дека најголем дел од лекарите и сестрите на Клиниката за онкологија имале закани по живот и најголем дел од нив користеле одмори, а пациенти чекале по ходниците на онкологија неможејќи да ја земат својата терапија.

Претходно, на почетокот од расправата пратеникот Фадил Зендели од движењето БЕСА рече дека како пратеник го поддржува формирањето анкетна комисија, но забележа дека не се предвидени пратеници од албанската опозицијата, за што претседателот на Собранието Талар Џафери му укажа дека требало да поднесат амандмани за да го променат тоа.

Во продолжението на 125. Собраниска седница пратениците дебатираа и по предлог законите за изменување и дополнување на Законот за акцизите и за Развојната банка на Северна Македонија, како и по предлог на закон за решавање банки, сите по скратена постапка, за кои поради немање доволно пратеници во салата ќе се гласа дополнително.

По редовната пауза, во 15 часот Собранието ќе продолжат со расправа по предлог-законот за изменување на Законот за хартии од вредност.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: За малку тепачка во Собрание меѓу Апасев и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Втор ден амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Почнува амандманска расправа за Предлог – буџетот за 2025 на Комисијата за финансирање и буџет

Продолжува комисиската расправа за Предлог – буџетот за 2025 година

Почнува комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Собранието го одобри Предлог на законот за дополнување на Законот за градежно земјиште