Зголемен увоз од Северна Македонија во Косово, по мерките на Приштина против Србија

Од:

Безбедносната мерка која Владата на Косово ја воведе пред три месеци за забрана на увозот на српска стока влијаеше на зголемување на увозот во земјата на стоки од Северна Македонија и Албанија, покажуваат официјалните податоци на косовската Агенција за статистики (АСК).

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, според последниот извештај на АСК, земјите од ЦЕФТА во јули годинава достигнале 73,9 милиони евра, или 14,4 отсто од вкупниот увоз, што претставува намалување од 16,4 отсто во однос на истиот месец минатата година.

Според статистиките, земји од ЦЕФТА со најголемо учество во севкупниот увоз во Косово се Северна Македонија (со 5,9 отсто), Албанија (5,4 отсто), Србија (1,3 отсто), а производите од Србија се заменуваат и со производи од Европската Унија.

Меѓутоа, како што пишува денеска агенцијата КосоваПрес (КП), економските експерти бараат од Владата да ја преиспита мерката против српските производи, бидејќи тврдат дека таа е на штета на Косово.

Од бизнис заедницата во Косово напоменуваат и дека некои меѓународни брендови, особено од Германија, Италија, Соединетите Американски Држави и Турција, работат во Србија и извезуваат во Косово.

Претседателот на Стопанската комора на Косово (ОЕК), Љуљзим Рафуна ги потврдува наводите на АСК, според кои има пораст на увозот на стоки, особено од Северна Македонија и Албанија, односно производите кои во овој период не се увезуваат од Србија почнале да се заменуваат со производи од соседните земји.

Рафуна во изјава за КП нагласува дека и странските компании кои работат во Србија изразиле загриженост за безбедносните мерки наметнати од Косово.

Експертот за економски прашања, поранешниот претседател на ОАК, Сафет Грџалиу, како и неговиот наследник на чело на Комората, Рафуна, нагласува дека владината мерка против српскиот увоз веќе не е соодветна за Косово, односно повеќе нанесува штети на стопанството.

Пред десетина дена, како што јави МИА, во однос на ова прашање реагираше и Американската стопанска комора на Косово (АСКК), која побара од Владата на Албин Курти итно да ги преиспита мерките со кои се ограничува увозот од Србија, а кои ги попречуваат меѓународните трговски интереси, ограничувајќи го прометот на стоки од светски познати брендови.

Американската комора соопшти дека влијанието на оваа одлука во голема мера ги погодува меѓународните компании, вклучително и оние од САД.

Според официјалните податоци на кои се повикува АСКК, „увозот од компании со значителна американска сопственост е намален за над 39 отсто во споредба со 2022 година, што го истакнува значителното влијание што сегашните мерки на Владата на Косово го имаат врз меѓународните претпријатија“.

-Податоците откриваат тмурна реалност, увозот поврзан со американски компании се намалува со алармантен ритам. Понатаму, секоја трговска бариера, како што е оваа забрана, неминовно ги зголемува потрошувачките цени, дополнително оптоварувајќи ги буџетите на косовските семејства. Дотолку повеќе, во услови кога Косово веќе ја укина забраната за увоз на суровини и полуфинални производи од Србија, бесмислено и иронично е да остане на сила мерката со која се забранува увоз на стоки што претставуваат меѓународни комерцијални интереси, се наведува во соопштението на АСКК.

Американската комора цени дека економската нормализација на Косово и Србија „ги надминува билатералните интереси“.

-Постојано залагајќи се за отворена и урамнотежена трговска политика, АСКК бара брзи и решителни активности кои ќе го поддржат економскиот раст, просперитетот и регионалната хармонија, се вели во соопштението.

Владата на Курти на 14 јуни годинава одлучи да го запре увозот од Србија, како економска мерка по киднапирањето на тројца косовски полицајци на територијата на земјата од страна на српските сили во јуни оваа година.

Во меѓувреме, Владата донесе одлука за ублажување на безбедносната мерка за увоз на стоки, укинувајќи ја забраната за суровини и полупроизводи.

Би можело да ве интересира

Нов пограничен инцидент помеѓу Косово и Србија

Османи: Гледаме многу загриженост кај Албанците во Македонија во однос на правата стекнати со Охридскиот договор

УЕФА донесе одлука за прекинатиот натпревар меѓу Романија и Косово

Курти: Косово и Македонија немаат несогласувања, ние сме соседи, пријатели и партнери

Катерина Ѓуровски

Мицкоски пристигна во Косово, во тек меѓувладината седница

Катерина Ѓуровски

Заедничка седница на владите на Северна Македонија и на Косово во Приштина